Во организација на Коалицијата „За семејство и живот“ на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, одржан беше протест против законот за родова еднаквост, барајќи претседателот Бајрам Бегај да не го не потпишува уредба, бидејќи, како што истакнуваат „ги нарушува вредностите и традиционалната структура на албанското семејство“, пренесува МИА.
Организаторите обвинија дека законот воведува концепти кои, според нив, не се совпаѓаат со албанската култура и традиција и повикаа на поголема јавна дебата.
Се обрати и теологот Сокол Кондакчиу наведувајќи дека законот воведува нов концепт за родот, вадејќи го од неговиот природен и значаен контекст, и го нарече „антихуман“ проект што ги нарушува бракот, децата и традиционалните вредности.
На плоштадот присуствуваа голем број граѓани, од сите делови на земјата, а имаше и деца облечени во народни носии, што според нивните родители симболизира заштита на албанскиот идентитет.
Протестот мина без инциденти, а организаторите предупредија дека граѓанските иницијативи за спротивставување на законот ќе продолжат во наредните денови.
Споменатиот закон албанскиот парламент го усвои на 6 ноември, со 77 гласови „за“(пратениците од владејачкото мнозинство) и 36 „против“, оние од опозицијата. Против законот претходно се изјаснија и поглаварите на верските заедници во земјата, како и дел од невладинот сектор.





