Хрватскиот истражувачки новинар Домогој Маргетиќ поднел пријава до Уредот на јавниот обвинител во Милано во врска со „Сараево сафари“, односно за покренување истрага во Италија поради обвинувањата дека странци плаќале да пукаат врз цивили за време на опсадата на Сараево пред три децении, пренесува klix.ba.
Во неговата објава се наведува:
„Денешниот претседател на Србија во 1992 и 1993 година бил како нелегален воен доброволец во Сараево. Несомнено е дека Вучиќ за време на војната 1992–1993 година бил како доброволец од друга држава (Србија) припадник на злогласниот и злосторнички доброволечки и паравоен одред под контрола на Српската радикална странка. Поточно, бил припадник на одредот со кој командувал Славко Алексиќ.“
Маргетиќ наведува дека „тој одред бил стациониран на Еврејските гробишта во Сараево, каде што во 1992 и 1993 година како доброволец се наоѓал и Вучиќ, што во Хаг го потврдиле Воислав Шешељ и неговиот шеф на правниот тим Зоран Красиќ.“
Во пријавата се додава дека „Еврејските гробишта во Сараево биле локација во стравичната ‘туристичка понуда’ на човечки сафари за богати и влијателни луѓе од Италија и биле една од најлуксузните, најбараните и најскапите позиции за ‘лов на луѓе’ во Сараево, особено за сафари за убивање деца во прегратките на нивните мајки“.
Обвинителството во Милано отвори истрага откако локалниот новинар Ецио Гавацени поднесе кривична пријава поради обвинувањата дека Италијанци и други странци плаќале на припадниците на српските сили во Босна да доаѓаат во градот и да пукаат врз цивили во она што некои го нарекувале „снајперски туризам“. За ова пишуваше и Reuters.





