Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница посветена на пратенички прашања побара од министерот за правда, Игор Филков, да даде одговор зошто реформите во правосудниот систем целосно стагнираат и кој ќе понесе одговорност за блокадата на овој клучен сектор. Тренчевска посочи дека Извештајот на Европската комисија јасно потврдува дека нема напредок во судските реформи и дека независноста на судството е нарушена поради политички притисоци од извршната власт. Таа нагласи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ за година и пол не донела ниту еден закон од реформската агенда, што покажува дека целта е контрола, а не реформа на правосудството.
„На денешните пратенички прашања, ќе се задржам на тема која е од суштинска важност за демократскиот развој на државата-функционирањето на правосудниот систем, и моето прашање ќе биде до министерот за правда, Игор Филков.
После година и пол од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, видовме само едно – судството е заробено, правда не постои, има нула реформи а власта единствено што сака е партизирано судство по нејзина контрола.
И ова не е нешто што ние како опозиција го кажуваме, дека нема реформи во судството и е јасно нотирано во најновиот Извештај на ЕК.
Во овој најлош извештај за државата, Европската Комисија упатува сериозни критики до Владата за доцнење со судските реформи и за недоволно обезбедување на независноста на судството.
ЕК јасно кажува-„нема напредок.“ Во поглавјето 23 „Темелни права и правосудство“ земјата е оценета со недоволен еден.
Колеги пратеници, ова е оценката за владата која ветуваше „правда“, а испорача притисоци, блокади и институционален хаос.
И ова не е некоја „туѓа критика“, туку официјална потврда од ЕК на она за што предупредувавме година и пол, дека ВМРО-ДПМНЕ ја турка државата назад.
Сведоци сме на алармантни примери на политички притисок и обиди за контролирање на судиите од страна на извршната власт.
ЕК јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
Финансиската автономија на судството се поткопани.
Ова не е политичка квалификација од опозицијата, ова е директен цитат од Брисел.
Во извештајот, Европската Комисија јасно ги посочува трите најважни препораки:
- Да се донесе Законот за парнична постапка со двотретинско мнозинство,
- Да се спроведе стратегијата за реформи во судството,
- Да се зајакне независноста и транспарентноста на Судскиот совет, како и доследната примена на АКМИС.
Но што направивте за година и пол? Наместо реформи – притисоци. Наместо институционална независност – обид за целосно потчинување на независните институции.
За првпат од 1991 година судската фела јавно реагираше на политички притисоци. Тоа е преседан. Општествен и државен. Сериозен сигнал дека политиката што ја водите не е добра.
Како министер за правда, треба да знаете дека притисокот врз членовите на Судскиот совет ја загрозува правната држава.
Вашата работа како министер за правда не е да ја покривате неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и да бидете привезок на партиските интереси на коалицијата, туку да ја штитите независноста на судството и правото на граѓаните на правда.
Извештајот на Европската Комисија е сериозен аларм: Македонија назадува – назадува поради неспособна влада која нема ниту визија, ниту волја, ниту капацитет да ги спроведе потребните реформи.
Реформската агенда е закопана во место и ништо не се помрднува. Годинава требаше да се донесат 12 закони од реформската агенда-ниту еден не е влезен во собраниска процедура, ниту пак е донесен од страна на министерството со кое раководите вие, министре Филков.
Ова јасно покажа дека целта на оваа власт не е реформа во судството, туку контрола на судството.
Затоа моето прашање денеска: Зошто не се спроведуваат реформите во судството? Зошто ниту еден закон не е донесен? Кој ќе понесе одговорност за блокадата на најважниот сектор во државата?“, истакна Тренцевска.





