ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Мицкоски распали по Уставниот суд

December 1, 2025 14:43
in ДЕНЕС, ПОЛИТИКА, ФРОНТ
Ерол Ризаов

Ерол Ризаов

Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: ЕРОЛ РИЗАОВ

Толку многу е осилен премиерот Христијан Мицкоски што си дозволува јавен, брутален, клеветнички и срамен напад врз уставните судии. Ваква ароганција од позиција на моќ и сила да се  жигосуваат уставни судии кои си ја работат својата работа за која се избрани и платени да го бранат конститутивниот закон на државата, да ја бранат мајката на сите закони, досега не е видена во Македонија, иако во изминатите 34 години видовме многу трагични и неказнети злоупотреби на политиката со кршење на Уставот и на законите.

Премиерот ги прозива уставните судии и судијата известител од овој предмет, Добрила Кацарска, да го одобрат кршењето на Уставот за тој да ги спроведува популистичките политики на владата. Без срам и перде бара да не ја оценуваат уставноста на линеарното зголемување на пензиите. Односно, уставните судии да донесат одлука со која ќе ја одобрат противуставната политика на владата. Си ја покрив главата со чаршав од срам кога го слушнав премиерот Мицкоски како разгоропаден се заканува на  највисоката државна институција за заштита на уставноста и законитоста и на целиот правосуден систем. Таков јавен и арогантен, клеветнички  удар врз владеење и попречување  на правото со притисок за кршење на уставот не би смеело да помине без соодветна тужба против Христијан Мицкоски кој своите противуставни постапки ги оправдува со тоа што Уставниот суд наводно направил удар врз политиката на владата во врска со линеарното зголемување на пензиите.

Ограбени пензионерите кои работеле и плаќале 40 години

Премиерот Мицкоски, како што се цитира самиот себеси, бил многу прецизен кога во Собранието кажал дека имал информација оти судијата известител ставил потпис на конечниот извештај со кој им се укинува линеарното зголемување на пензиите на пензионерите. Владата сакала да го подобри животниот стандард на 350.000 пензионери со по една илјадарка од следниот месец, а Уставниот суд сакал да ја спречи во тоа. За мелодрамски да поентира Мицкоски вели дека многу би сакал да греши, ако таква одлука на Уставниот суд нема да биде донесена.

Пораката, која понатаму ја дообјаснуваат партиските јастреби е дека ова е масло на опозицијата да ги осиромаши пензионерите. Во ова се впрегнаа и медумските папагали и апологети на власта одобрувајќи го со одушевување кршењето на уставот и спроведувајќи селективни ТВ анкети во стилот: абе, зошто да не им се помогне на луѓето со мали пензии.

Вистината е во фактите и бројките кои јасно кажуваат дека владата и премиерот Христијан Мицкоски со своите погрешни и противуставни политики прават најсилен удар  врз пензионерите кои ги исполниле сите законски услови за полна старосна пензија, а со својата погрешна економска политика и удар врз сите граѓани на Македонија.

Еве ги фактите. Со линеарното противуставно зголемување на пензиите се нанесува директна штета, поточно грабеж на сите пензионери кои работеле со полн стаж од над 35 години и ги плаќале редовно сите придонеси кон државата. Бидејќи премиерот се фали дека добро знае математика нека седне и нека направи обичен есап, може и на салфетка, за да види кого оштетува со својата партиска и владина пропаганда.

Во денешна противредност на просечна нето плата од над 45.000 денари, односно 68.500 денари, колку што е бруто платата, давачките за вкупните придонеси се над 23.000 денари месечно одбиени од просечната плата. Најголемата ставка е за ПИОМ близу 19 проценти од бруто платата. Човек што работел 40 години, а има многу такви, кои имале плата колку просечната во денешна противредност во текот на својот работен век издвоил по разни основи вкупни  придонеси на државата од околу 180.000 евра. Од тоа само за ПИОМ издвоил повеќе од 100.000 евра. Треба да се знае дека тие што имале плата во противредност од 400 до 500 западногермански марки вредат повеќе од денешните 500 евра. Тие пак што имале највисоки плати двојно или тројно повеќе од просечната дополнително се ограничени со висината на пензијата како солидарен придонес.

Значи, да повториме, премиере пресметај и за тие што стекнале пензија без да ги исполнат сите услови. Па види таму тие што имале да речеме само15 или 20 години стаж колку тие луѓе издвоиле средства за придонеси од својата бруто плата, ако таа била под просекот. Ќе откриеш дека овие што работеле цели 40 па и 45 години во суштина ја плаќаат твојата популистичка политика.

И уште нешто, ако просечниот живот во Македонија е околу 73 години, а во пензија се оди со 64 години ќе откриеш и колку средства од заслужената пензија никогаш не се наплатени. Во светот каде важат законите, не е така.

Зголемете ги даноците на луксузни енормни богатства

Наместо да се закануваш на уставни судии впрегни се и работи го тоа зошто си избран и платен. А тоа е да обезбедиш економски раст во државата кој ќе овозможи не само зголемување на пензиите, туку и на платите и да обезбедиш помош на сиромашните кои немаат никакви приходи да им се помогне преку разни фондови на начин како што тоа се прави во светот. Сите граѓани кои ќе наполнат 64 години треба да добијат минимална социјална пензија без оглед дали работеле, или не.

Најсиромашните граѓани треба да имаат финансиска поддршка во плаќање на трошоците за пристоен живот,  како што се кирија, електрична енергија, вода, ѓубре и сѐ што значи трошок. Да не зборуваме за надоместоци за образование на децата, за здравствена и друга заштита. Премиере, добро знаеш каде треба да ги зголемиш даноците на луксуз, на енормно богатите, на газдите на јахтите, базените, на десетици станови, на возните паркови со стотици илјади коња во гаражите и лудории по сообраќајнците. Ете тоа е работа на владата, а не да го сатанизираш и валкаш Уставниот суд и судиите кои те спречуваат да не носиш противуставни и противзаконски одлуки со што практично те заштитуваат.

Почни да ја работиш работата на претседател на владата, а не само да држиш заканувачки и популистички говори. На пример, што не пробаш да ги зголемиш линеарно платите во владата, па на сите подеднакво и на премиерот и на министрите и на келнерите и на возачите и на хигиеничарите. На сите исто колку што изнесува и твоето зголемување на платите. Исто и во Собранието, нека направат патриотските пратеници не само подеднакво линеарно зголемување на своите плати, туку и на сите вработени во парламентот, исто така и во државните компании и фондови и сите други институции, и кај  претседателот на државата и неговиот кабинет, се разбира и  на над 130 илјадната државна армија, пардон администрација.

Сега веќе би требало да ти текнува колку е плитка твојата политика да им „украдеш“ на едните пензионери кои со децении плаќале висок процент од платата придонеси за да им дадеш на другите кои не ги исполниле тие услови и со тоа да се гордееш. Лесна е равенката со три познати.


Текстот е личен став на Авторот. Преземено од Независен
Next Post
Фото: МИА

Милевски повеќе не е селектор на македонската репрезентација, ФФМ донесе одлука да не му го продолжи договорот

Shortcut

Најново

Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

Злобни напади врз чесната власт

November 1, 2026

Апсењето на Кричак: Пресметка во српскиот безбедносен апарат или почеток на институционални промени?

November 1, 2026
Амб. Лариса Дир - епископ Партениј

Украинската амбасадорка Лариса Дир се сретна со епископот Партениј: Благодарност за сочувството со украинскиот народ

October 31, 2026
Амб. на Украина, Лариса Дир

Лариса Дир: Кремљ ги претвора студот и темнината во оружје против Украинците

October 30, 2026

Последната граница – во спомен на сер Патрик Стјуарт

October 30, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Никола Спасов

    Пропагандата што го одржуваше Вучиќ на власт на крајот и го порази

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Моника Тасевска, сексуална работничка: Не ги продаваме телата, продаваме сексуални услуги, тие што плаќаат не нè поседувaат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Последната граница – во спомен на сер Патрик Стјуарт

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ВУЧИЌ ПАДНА: Студентска победа, крај на 14-годишната доминација на СНС – што е следно за Србија?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Израел: Преброени над 95% од гласовите, Нетанјаху останува без мнозинство, истрага за можно странско мешање

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk