Околу 14 часот по локално време, грчките фармери повторно го затворија граничниот премин Евзони за проток на луѓе и возила кон нашата држава. Блокадата се очекува да биде активна до 22 часот.
На грчката страна од границата се распоредени над 300 трактори. Слична блокада беше спроведена и вчера, во текот на претпладневните часови, како и од 18 до 22:30 часот, по што сообраќајот беше нормализиран и се одвиваше тековно до 14 часот.
Низ цела Грција, земјоделците имаат воспоставено вкупно 14 блокади со повеќе од 6.000 трактори, од кои две се на граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија).
На повеќе локации каде што се блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да отстапат и доколку е потребно, празниците ќе ги поминат на улица.
Грчките земјоделци ги започнаа протестите во неделата, најавија постепено интензивирање до 5 декември, а засега нема информации до кога ќе траат.





































































































