Комисијата за култура на СДСМ оценува дека 2025 година била изгубена година за македонската култура, обележана со празни ветувања, системско неработење и претворање на културниот сектор во ПР-алатка на власта.
Во соопштението се наведува дека по изборните ветувања за спас и развој на културата, институциите биле оставени без стратегија и план, додека Министерството за култура и туризам, предводено од министерот Зоран Љутков, се фокусирало на јавни настапи, статуси и протоколарни активности, без реални резултати на терен.
„Една и пол година не беше изготвен стратешки план за културата, а културната политика беше препуштена на партиски унапредувања, конкурси по мерка на блиските до власта и нетранспарентно трошење на буџетските средства“, се наведува во реакцијата.
Од Комисијата укажуваат дека средствата за заштита на културното наследство завршувале во меѓународни центри, додека домашното наследство било оставено да пропаѓа, меѓу кои и локалитетите поврзани со Лазар Личеноски, Скопското кале, Универзалната сала и Охридскиот Регион, за кој постојат сериозни предупредувања од УНЕСКО.
Во соопштението се истакнува и дека не бил направен никаков напредок во однос на Законот за употреба на македонскиот јазик, како и дека Министерството работело со нула транспарентност, игнорирајќи ги новинарските прашања и јавниот интерес.
Комисијата реагира и на состојбата на вработените во културата, кои, како што наведуваат, работеле со понижувачки плати и нередовни исплати, додека паралелно се дозволувале партиски влијанија, унапредувања на лица без соодветна компетентност и обиди за поништување на Колективниот договор што штити над 3.000 културни работници.
„Обидот за укинување на Колективниот договор донесе судски постапки, наместо решенија, и пониски плати наместо подобрување на условите за работа, што покажува дека проблемот не е недостигот од средства, туку недостигот од волја тие да завршат во културата“, се вели во соопштението.
Критики се упатуваат и за политиките во туризмот, кој, според Комисијата, се свел на ПР-декор без национална стратегија, со неразјаснети службени патувања и активности без конкретни резултати, вклучително и турнејата во САД за која јавноста не добила официјални информации.
Во заклучокот се наведува дека 2025 година ќе остане запаметена како година во која културата не била приоритет, а неработењето и импровизацијата станале политика. Од Комисијата за култура и туризам на СДСМ порачуваат дека во 2026 година се неопходни вистински системски реформи, реализирани проекти наместо ПР-најави, навремени плати и јасна стратегија за заштита и промоција на македонската култура.
„Ќе продолжиме да ја следиме состојбата и да реагираме на селективноста, партизацијата и нарушувањето на интегритетот на националните културни установи, во интерес на културната сцена, а не на политичката агенда“, се наведува во соопштението.











































































































