Париски суд прогласи за виновни 10 лица за онлајн вознемирување на француската прва дама, Брижит Макрон, поради објавување и споделување злонамерни коментари на социјалните мрежи во кои лажно се тврдело дека таа е родена како маж.
Осум мажи и две жени, на возраст од 41 до 60 години, меѓу кои има наставник по спорт, сопственик на уметничка галерија и публицист, добија казни кои се движат од задолжителна едукација за разбирање на онлајн вознемирувањето, до осуммесечна условна затворска казна. На дел од осудените им е изречена и забрана за користење на социјалните мрежи на кои ги ширеле спорните содржини, пренесува Гардијан.
Судот утврди дека сите обвинети учествувале во ширење навредливи и злонамерни тврдења поврзани со полот и сексуалноста на Брижит Макрон, вклучително и споредби на разликата во години меѓу неа и нејзиниот сопруг, претседателот Емануел Макрон, со педофилија.
Ова судење е дел од пошироката правна битка што семејството Макрон ја води против лажната теорија дека Брижит Макрон е маж по име Жан-Мишел Троњо. Макронови покренаа и тужба за клевета во САД против конзервативната подкастерка Кендис Овенс, која ги ширела овие тврдења. Во тужбата се наведува дека Жан-Мишел Троњо е постариот брат на Брижит Макрон, кој живее во францускиот град Амиен.
За време на судскиот процес, ќерката на Брижит Макрон, адвокатката Типен Аузиер, сведочеше дека ваквите напади сериозно го нарушиле квалитетот на животот и здравјето на нејзината мајка. Таа истакна дека првата дама живее во постојана состојба на претпазливост, стравувајќи дека секоја фотографија или јавен настап може повторно да биде злоупотребен.
„Не поминува ден или недела без некој да ѝ зборува за ова. Најтешки се последиците врз семејството – нејзините внуци слушаат навреди и лаги. Таа не е избрана функционерка и никогаш не побарала ваков јавен третман, а сепак е постојано мета на напади“, изјави Аузиер пред судот.





