Претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави дека партијата ќе поднесе нови законски решенија во Собранието за минималната плата од 600 евра во нето-износ и за замрзнување на платите на функционерите.
„На крајот на 2024 година поднесовме предлог-закон за зголемување на минималната плата, меѓутоа тогаш тој закон од власта беше одбиен. Имајќи ја предвид сè потешката економска состојба во која живеат работниците и драстично намалениот животен стандард, подготвивме нови законски решенија кои ќе ги поднесеме во Собранието“, изјави Филипче.
Тој посочи дека предложените измени се темелат на порастот на цените, инфлацијата и зголемените трошоци во синдикалната кошничка.
„Предлагаме зголемување на минималната плата во вредност од 600 евра во нето-износ, како и замрзнување на платите на функционерите. Со ова одржуваме континуитет на нашите политики од времето кога СДСМ ја водеше Владата, кога платите – и минималната и просечната – растеа во континуитет, дури и во услови на тешки кризи“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека партијата ги поддржува барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите и најави отвореност за соработка.
„Отворени сме за соработка и ги повикувам претставниците на Сојузот на синдикатите, доколку имаат предлози и сугестии, прво да имаат увид во овој предлог-закон и заеднички да го поднесеме“, истакна Филипче.
Тој ја критикуваше Владата за приоритетите во трошењето на јавните пари.
„Не може да има пари за тендери и за непотребни трошоци, а да нема пари за она што навистина е потребно – за стандардот на граѓаните“, рече Филипче.
Според него, Македонија во моментов има најниска минимална плата во регионот.
„Пораснаа платите и во Албанија, и во Србија, и во Косово, и во Црна Гора – само кај нас тоа не е случај. Потрошувачката кошничка и цените растат, инфлацијата сериозно го јаде стандардот, а Владата досега не води никаква грижа“, изјави тој.
Филипче додаде дека ниските плати се еден од клучните причини поради кои младите ја напуштаат државата.
„Ова е уште еден аргумент зошто младите иднината ја гледаат надвор од земјата и сметам дека тоа мора да се запре“, рече Филипче.
Тој потсети дека во периодот на владеење на СДСМ минималната и просечната плата значително пораснале.
„Минималната плата се зголеми од 8.000 на 22.000 денари, а просечната речиси се дуплираше – од 22.000 на 42.000 денари. Ние не се залагаме само за зголемување на платите, туку за достоинствен живот кој нашите работници навистина го заслужуваат“, нагласи Филипче.
На крајот, тој изрази очекување дека овојпат предлогот ќе добие поддршка.
„Сметам дека, имајќи ја предвид целата ситуација и реалните потреби на работниците, овој пат – за разлика од минатиот – Владата ќе го прифати предлог-законот“, изјави Филипче.





