Министерство за внатрешни работи ги потсетува граѓаните да ги ажурираат своите контакт-податоци поврзани со системот „Безбеден град“, доколку има промена или доколку добиле известување со неточни информации.
Како што информира МВР, барањата за промена на податоците може да се поднесат на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ во Скопје (приземје), кој работи секој работен ден од 08:00 до 17:00 часот.
Истата постапка може да се изврши и во станиците за технички преглед на возила низ државата, каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Од Министерството апелираат граѓаните навремено да ги усогласат податоците за да се избегнат недоразбирања и погрешни известувања во рамки на системот „Безбеден град“.
Безбеден град ќе започне да функционира од 1 февруари 2026 година на територија на Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10, потврди МВР.
За прекршоците регистрирани преку системот „Безбеден град“, Министерството за внатрешни работи (МВР) на сопственикот на возилото со кое е направен сообраќајниот прекршок испраќа СМС порака и е-пошта на контактите дадени при регистрација. Во пораката ќе има линк за преземање на записникот за прекршок и прекршочниот платен налог.





