Премиерот Христијан Мицкоски денеска од општина Карпош изјави дека започнала изградбата на спортската училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“, нагласувајќи дека проектот бил претходно заглавен, но сега се реализира со забрзано темпо.
„Би сакал да изразам задоволство што овој објект добива своја физиономија. Беше заглавена процедурата, беше заглавена изградбата и проектот самиот по себе, но еве гледате за колку кратко време, можеби недела до две, веќе почнува да се извишува и тоа е добро“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека салата ќе биде важен дел од образовниот процес и ќе ја користат не само учениците, туку и жителите од овој дел на градот.
„Она коешто е најважно е што учениците од ООУ ‘Димо Хаџи Димов’ ќе добијат современ спортски објект каде што ќе може да се натпреваруваат во кошарка, ракомет и во други спортови. Геометријата на самиот проект одговара на барањата и потребите на врвните федерации“, рече премиерот.
Мицкоски му честиташе на градоначалникот на Карпош за, како што рече, успешно завршените подготвителни активности, додавајќи дека сега следува фазата на реализација од страна на изведувачот.
„Да се заблагодарам на администрацијата, на советниците и на пратеникот од Карпош кои работат секојдневно за овие проекти да добијат форма и во рокот да бидат завршени“, изјави тој.
Премиерот порача дека Владата ќе продолжи да поддржува вакви инфраструктурни проекти, нагласувајќи дека образованието и младите остануваат приоритет.
„Ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти затоа што иднината е во најмладите, иднината е во децата. Образованието на децата ни е најважно и така ќе се однесуваме во годините што следат“, рече Мицкоски.





