Лисабон – УЕФА најави дека ќе ги анализира извештаите од натпреварот меѓу Бенфика и Реал Мадрид во Лигата на шампионите, откако фудбалерот на Реал, Винисиус Жуниор, обвини противнички играч за расистички навреди, објави Euronews.
Натпреварот на стадионот „Естадио да Луж“ беше прекинат околу 10 минути откако бразилскиот напаѓач го постигна единствениот гол во победата на Реал од 1-0 и пријави навреда од играчот на Бенфика, Џанлука Престијани.
Францускиот судија Франсоа Летексије веднаш го активираше антирасистичкиот протокол на ФИФА, сигнализирајќи со прекрстување на рацете и привремено прекинувајќи го натпреварот. Реал Мадрид, според извештаите, бил подготвен да го напушти теренот доколку Винисиус тоа го побара.
По натпреварот, Винисиус објави порака на социјалните мрежи во која напиша дека „расистите се, пред сè, кукавици“, критикувајќи го начинот на кој бил спроведен протоколот.
Од друга страна, Престијани ги негираше обвинувањата, наведувајќи дека никогаш не упатил расистички навреди и дека станувало збор за обична провокација типична за фудбалски натпревар.
Фудбалерите на Реал Мадрид застанаа во одбрана на својот соиграч. Килијан Мбапе изјави дека Престијани повеќепати го навредил Винисиус, додека други играчи истакнаа дека ваквото однесување нема место во фудбалот.
Инцидентот предизвика реакции и кон тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, кој беше критикуван поради изјавите дека прославата на Винисиус можеби придонела за тензиите. Мурињо, сепак, изјави дека не сака да носи заклучоци без целосни информации.
УЕФА соопшти дека ќе ги разгледа официјалните извештаи и ќе покрене дисциплинска постапка доколку се утврди прекршување. Според правилата на европската куќа на фудбалот, докажани расистички навреди може да резултираат со суспензија од најмалку 10 натпревари.
Ова не е прв ваков случај за Винисиус, кој од 2022 година поднел 18 правни пријави за расистички навреди. Во 2024 година, тројца навивачи на Валенсија беа осудени на затворски казни поради расистички навреди кон него.
Реванш натпреварот меѓу Реал Мадрид и Бенфика е закажан за 26 февруари на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.





