Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска остро реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека актуелната власт ја води државата кон изолација и ја оддалечува од европскиот пат.
Во својата реакција, Филипче оцени дека наместо да ги спроведе реформите што ги бара Европската Унија, Владата, како што наведува, води анти-европска политика.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за ‘булинг’ и ‘прва и втора лига’“, се наведува во реакцијата.
Според него, критиките што доаѓаат од Брисел не се „булинг“, туку последица на, како што тврди, неисполнување на реформските обврски, особено во делот на владеење на правото, слободата на медиумите и борбата против корупцијата.
Филипче ја обвини власта дека создава конфликти со соседите и дека нема напредок во евроинтеграциите, при што ја спомена и, како што наведе, неказнивоста во одредени случаи.
„Европа ни даде јасна шанса до 2027 година, заедно со регионот. Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски“, стои во реакцијата.
Тој упати и директни обвинувања кон владејачката партија и премиерот, наведувајќи дека, според него, „единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“.





