Европската конфедерација на синдикати (ETUC) изрази целосна солидарност и силна поддршка за Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), неговото раководство и сите синдикални членови, се наведува во писмото упатено до претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, и до членовите на синдикатот.
Во писмото, потпишано од генералната секретарка на ETUC, Естер Линч, и конфедералната секретарка Теа Јарц, се истакнува дека ССМ како членка на Европската конфедерација на синдикати е „важен дел од Европското синдикално движење“.
„Внимателно ги следиме случувањата кои ги пријавивте и сме сериозно загрижени од извештајот за притисоци и напади насочени кон ССМ и неговите синдикални лидери и синдикални претставници“, се наведува во писмото.
Од ETUC нагласуваат дека напорите на ССМ за одбрана на работничките права, за промовирање фер минимални плати, за обезбедување соодветно зголемување на платите и зајакнување на колективното договарање се „целосно легитимни и од големо значење“.
„Тие ги одразуваат реалните потреби на работниците кои се соочуваат со зголемување на трошоците на живот и зголемена економска несигурност“, стои во писмото.
Европската конфедерација изразува и особена загриженост поради пријавите за лично таргетирање и заплашување на синдикални претставници и нивните семејства.
„Ваквите дејствија се апсолутно неприфатливи и некомпатибилни со демократските принципи“, наведуваат од ETUC.
Во писмото се потенцира дека слободата на здружување, колективното договарање и правото на преземање синдикални активности, вклучително и штрајк, се фундаментални права заштитени со Конвенциите на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и европските инструменти за човекови права.
„Овие права мора да се почитуваат и во законите и во праксата. Европската конфедерација на синдикати (ETUC) цврсто стои на ваша страна. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата и каде што е потребно да изразуваме загриженост на европско ниво“, се наведува во писмото.
Писмото завршува со порака за „целосна солидарност и поддршка“ кон ССМ и неговото членство.







