„На вчерашниот долгонајавуван протест демек на Сојузот на синдикати на Македонија, на дело се докажа она за кое ние ви укажувавме“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
Петрушевски обвини дека протестот што го организираше Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бил координиран со СДСМ и дека, како што рече, „вчера сите виделе дека ССМ и СДС делуваат заеднички“.
Според Петрушевски, на протестот имало лица со обележја на СДСМ, што, како што рече, било доказ дека зад организацијата стои политичка структура.
„Граѓаните беа сведоци дека на таканаречениот синдикален протест имаше лица со обележја на СДС. Обележјата на СДС и промотивниот материјал може да ги видите и на фотографиите“, изјави Петрушевски.
Тој тврди дека во организацијата на протестот биле вклучени и локални структури на СДСМ од повеќе градови, меѓу кои Куманово, Тетово и Струмица.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека неговата партија го почитува правото на работниците да протестираат и да ги бараат своите права, вклучително и повисоки плати.
„ВМРО-ДПМНЕ постојано стои зад работниците и нивните права и прави сè што може за да се подобри стандардот на секој граѓанин“, рече Петрушевски.
Сепак, според него, протестот не бил вистински работнички протест, туку, како што изјави, „игра на ССМ и СДС за да бидат видливи како фактор на пошироката општествена сцена“.
Петрушевски додаде дека, според ВМРО-ДПМНЕ, работниците не треба да бидат „употребувани или злоупотребувани од различни центри“, алудирајќи на, како што рече, поврзаноста меѓу СДСМ и ССМ.







