„Орбан паѓа – Мицкоски договара враќање на Груевски“, се вели во денешното соопштение на СДСМ, во кое партијата упатува остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски и неговите односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Од СДСМ наведуваат дека, како што тврдат, додека политичката сцена во Унгарија се менува и поддршката за Орбан опаѓа, Мицкоски продолжува со политики што, според нив, водат кон изолација, корупција и „одработување за туѓи интереси“.
Во соопштението се оценува дека Орбан е „симбол на политика која Европската Унија веќе не ја толерира“, додавајќи дека станува збор за, како што велат, коруптивен модел кој служи на бизнис и руски интереси.
СДСМ тврди дека, додека граѓаните на Унгарија избираат европски пат, Мицкоски ја насочува Македонија кон „изолација, неизвесност и назадување“.
„Мицкоски ги продава македонските национални интереси, а денеска отиде кај Орбан за да договара враќање на Никола Груевски“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се поставуваат и прашања за, како што наведуваат, можни договори зад затворени врати, како и за влијанието врз медиумите и бизнисите поврзани со Орбан во Македонија, особено во секторите енергетика и телекомуникации.













































































































