Министерот за правда, Игор Филков, реагираше на одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја запре истрагата за набавката на мазут, оценувајќи ја како уште еден тежок удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Според министерот, во период кога јавноста со право очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и злоупотреби, правосудството испраќа лоша порака дека предметите од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница.
„Како министер за правда, сметам дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана. Очекувам целосна транспарентност од ОЈО ГОКК и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука“, дециден е Филков.
Тој оди и чекор подалеку, повикувајќи ги институциите да ја преиспитаат работата на првиот човек на Обвинителството за гонење организиран криминал.
Филков очекува Советот на јавни обвинители и останатите надлежни институции да отворат прашање за одговорноста на шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, потенцирајќи дека ваквите обвинителски одлуки директно го рушат кредибилитетот на правната држава.







