Министерство за транспорт кратко и без образложение информира дека Државната комисија по жалби за јавни набавки, по службена должност донела решение за поништување на јавната набавка за електрични автобуси и електрични полначи.
Од Министерството посочуваат дека согласно своите надлежности, предметната јавна набавка повторно ќе биде објавена согласно законските прописи и во најбрз можен рок.
Јавниот повик за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи беше објавен на 27 февруари годинава.
Министерството за транспорт, тогаш соопшти дека по извршената евалуација на понудите, избрана е заедничката понуда на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и австриската „ЕВН“ за набавка на 150 еколошки електрични автобуси и 75 станици за полнење. Компанијата „Икарус“ требаше да ги достави електричните автобуси, а компанија ЕВН станиците за полнење.







































































































