Во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје во организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК), се одржа свечената промоција на авторизираната биографија на Владимир Богоевски, еден од најголемите македонски спортски великани и олимписки симболи.
Биографското дело е напишано од познатиот спортски новинар Златко Калински. Книгата го отсликува животниот пат на Богоевски — од неговите први спортски чекори, безбројните предизвици, откажувања и победи, па сè до спортските врвови кои ги достигна во кариерата. Текстот го прикажува како момче со ретка спортска дарба, но и како човек кој со огромна работа и пожртвуваност го претворил талентот во легенда.
На свечената промоција присуствуваше претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, која е долгогодишна пријателка на Богоевски уште од средношколските денови.
Покрај неа, на настанот говореа и присуствуваа авторот Златко Калински, претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК) Даниел Димевски, првиот тренер на Богоевски — Таки Џиков, како и поранешниот претседател на МОК, Васил Тупурковски. Салата беше исполнета и со членови на неговото семејство, пријатели, спортски работници и поддржувачи.
Организаторите посочуваат дека настанот бил исполнет со емоции, спомени и искрени аплаузи, претставувајќи сведоштво за еден живот посветен на спортот, Македонија и олимписките вредности.









































































































