Македонскиот долгометражен игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума ја започнува својата меѓународна премиера во срцето на Менхетен, на престижниот филмски фестивал „Трибека“ (Tribeca Festival) во Њујорк, кој ќе се одржи од 3 до 14 јуни. Ова е втор игран филм на Дума, по успехот со нејзиното дебитантско остварување „Сестри“, кое беше откупено од светската платформа Нетфликс.
Ова значајно филмско остварување е избрано во категоријата International Narrative Competition, која претставува главна меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот. На тој начин, филмот се позиционира директно пред американската публика, меѓународната критика и светските филмски селектори. Фестивалот „Трибека“, чиј коосновач е холивудскиот актер Роберт Де Ниро, важи за еден од најважните филмски настани во САД, препознатлив по поддршката на независниот филм и новите авторски гласови.
Приказна инспирирана од реалноста во Шуто Оризари
Инспирацијат за филмот доаѓа од автентична слика што режисерката Дина Дума ја забележала во Скопје — девојче со скејтборд облечено во традиционални шалвари, каде симболично се судираат детската слобода и традиционалните општествени правила.
Дејството е изградено преку директна работа со заедницата во Шуто Оризари, користејќи реални локации и непрофесионални актери. Приказната ја следи главната хероина Адела и избегнува готови стереотипи и погледи од дистанца. Наместо девојчињата да бидат прикажани како класични жртви, филмот ги отсликува како силни, ранливи и комплексни личности кои се борат самите да одлучуваат за својата судбина во ограничувачки околности.
Силна меѓународна копродукција
Филмот е реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски“ со Лабина Митевска како главен продуцент, додека како копродуценти се јавуваат Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е заедничко дело на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска.
Директор на фотографијата е Фредерик Ноаром, а главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е комплексен копродукциски проект помеѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, европскиот фонд „Еуримаж“ (Eurimages), програмата „Креативна Европа МЕДИА“ (Creative Europe MEDIA), како и од националните и регионалните фондови на земјите копродуценти.






