Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска одржа прес-конференција на која ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.
„Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние, и како држава, и како Влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек. Нема отстапување од стремежите за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ” – истакна на својата прескоференција премиерот Зоран Заев.