„Оваа година беше тешка година, меѓутоа во 2020 година ни се случи дигитализација и се качивме во бродот на технологијата. Првпат почнуваме да зборуваме за старт-ап економија“, вели Коста Петров, директор на фонд за технолошки развој и иновации, на Конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2021“.
Тој истакна дека старт-ап е како секта, многу малку луѓе знаат за што се работи. Преку старт-ап, односно преку идеја може да се освои економијата, а не преку политика или преку мама и тато.
„Единствената приказна за Македонија, која што ќе биде само наша, се иновациите, бидејќи ние немаме нафта. Во најголемата криза 84 луѓе решиле да формираат фирма.
Факт е дека младите се отселуваат и тоа е добро да се запознаат со други вештини, меѓутао старт-ап херои се тие што произведуваат локално, а се продаваат глобално“, истакна Петров.
Тој потенцира дека дигитални номади се луѓе кои работат за странски фирми и најчесто се отселуваат во Естонија, Грузија и Хрватска.
„Во Охрид и Скопје има многу дигитални номади, и има доста луѓе што тука живеат и работат, бидејќи помала им е киријата, храната, во однос на некои странски држави.
Со МВР разгледуваме можност да им издаваме дигитална виза за таквите дигитални номади да дојдат да живеат кај нас. Верувам дека во правата половина од 2021 година веќе ќе почне да се издаваат такви визи. Планираме да направиме и „Дигитално номад село“ кое ќе се отвори во „Македонско село“ во Нерези. Ова е наша уникатна приказна“, истакна Петров.