Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска беше во посета на Клиниката за гинекологија и акушерство на Одделението за интензивна нега и терапија, каде се третитраат предвреме родени бебиња.
Во разговор со директорката на клиниката д-р Викторија Јовановска и началничката на одделението д-р Рената Димитриоска, министерот беше информиран дека во извештајот за 2020 се бележи значителен пад на смртност кај новороденчиња, лекувани на одделението за интензивна нега и терапија.
Гледајќи по години наназад во 2016 била 25%, 2017-21%, 2018-16%, 2019-12%, додека годинава 10%, од вкупно третираните бебиња на одделението за интензивна нега и терапија.
Намалувањето на смртноста во перинаталниот период, се должи на големите вложувања што се направени во изминатите 3 години во овој сегмент од здравството- во опрема, едукација и проширување на стручните тимови на одделението за интензивна нега на Гинеколошки-акушерската клиника.
Согласно најновиот извештај на УНИЦЕФ, нашата земја е рангирана меѓу првите три земји во светот со најголем пад на стапката на смртност кај новороденчиња.