Насекаде се слушаат лелеци и пискање по разорниот земјотрес од 6,3 степени по Рихтер што ја погоди Хрватска, со епицентар во Петриња. Има повредени и мртви. Според информации на хрватските медиуми, во Петриња загина 13-годишно девојче и 20-годишно момче во близина на гратчето Глина. Исто така, медиумите јавуваат за уште две жртви од ова гратче.
„Почина 20-годишно момче од Мајске Полјане, куќата се сруши врз него“, потврди за 24сата заменик-градоначалникот на Глина, Бранка Бакшиќ Митиќ.
Најмалку 20 лица се повредени во Сисак, од кои две потешко.
Спасувачките екипи од цела Хрватска и војската се на терен и трагаат по прежиевани во рушевините кои ги остави силниот потрес.
Земјотресот предизвика бројни дефекти на електроенергетската мрежа и објактите за производство на електрична енергија. Без струја се Петриња и Велика Горица, како и делови на Сисак и Загреб. Сите екипи на ХЕП се на терен како би ги санирале дефектите.