Индексот на младинско учество за 2019 година во Србија (11), Црна Гора (10,7), Северна Македонија (9,7) и Албанија (9,4) е далеку под поставената цел од 91,63 на Агенда 2020 на Советот на Европа. Додека во сите земји има мало зголемување, само кај нас индексот бележи пад во однос на претходната година кога изнесува 10 поени.
– Состојбата со младинското учество во овие земји е слична. Во сите има одредени предизвици во однос на учеството на младите во политичкиот, економскиот и социјалниот живот. Индексот не бележи значителни промени во последните четири години и има раст од 1,2 индексни поени во Албанија, 1,1 во Црна Гора, 0,9 во Србија и 0,4 во Северна Македонија, покажува истражувањето на Млади инфо – Северна Македонија – „Индекс на младинско учество 2019“, изработено во рамките на проектот WB&T for EmploYouth, финансиран од Европската унија и имплементиран под водство на Фондацијата Ана и Владе Дивац од Србија.
Индексот генерално покажува дека има позитивен тренд во економското учество на младите во регионот, додека политичкото учество е во одреден степен подобрено, во најголем дел во онлајн алатките за информирање, како прв чекор кон приближување на младите кон процесот на носење одлуки.
Состојбата со политичкото учество на младите во Северна Македонија (4,1), Србија (4,3), Албанија (2,7) и Црна Гора (4,3) не е добра како што може да биде. Највисока оценка на индексот се уште е под 5, што е значително под поставениот таргет од 43,2, според Агендата 2020 на Советот на Европа
Индексот на младинско учество го мери нивото на можности за младите луѓе да бидат вклучени во процесите на носење одлуки и тоа во политичка, економска и социјална сфера.
Само 3,3 проценти млади пратеници и нула млади министри и градоначалници
Младите во голема мера се незастапени во политичкиот живот на Србија, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора. Во 2019 година нема министри и речиси ниту градоначалници под 30-годишна возраст. Во некои земји, нема ниту заменици министри под 30 години, со исклучок на Србија и Албанија. Младите учествуваат од 0,4 во Србија и 4 проценти во Албанија во бројот на пратенци. Во Северна Македонија има 3,3 проценти млади пратеници, што е значително намалување во однос на 2016 година кога биле 8,3 проценти.
Политичката димензија во Индексот на младинско учество се однесува на можностите за младите луѓе да се вклучат во политичкиот процес – да бидат информирани за работата на владите и парламентите, да бидат вклучени во младински мрежи и бидат избрани на политички позиции.
Сите земји имаат намалување на индексот споредено со 2018 година, но тоа е најголемо во нашата земја од 4,7 на 4,1 проценти.
Анализата покажува дека додека онлајн алатките за информирање и учество на младите на национално ниво изнесува 100 проценти, на локално ниво имаме намалување од околу 95 проценти во 2018 на под 70 процетни во 2019 година. Истото важи и за бројот на активни локални младински мрежи кој бележи пад од 78,5 во 2016 на околу 53 процетни во 2019 година.
Имаме највисока стапка на младинска невработеност и најголем процент долгорочно невработени млади во регионот
Економската вклученост на младите луѓе во Северна Македонија (5,3), Србија (5,2), Албанија (5,3) и Црна Гора (5,6), не е добра како што може да биде, и е далеку под целта од 48,4 поставена со Агендата 2020 на Советот на Европа. Младинската невработеност во сите земји има тренд на намалување во 2019 година, но сепак состојбата останува загрижувачка со стапка од околу 22 проценти во сите земји, освен во Северна Македонија – 30 проценти. Стапката на вработување на младите луѓе бележи раст од 2 до 3 проценти во сите земји.
Економската димензија се однесува на степенот на вклученост или исклученост на младите од пазарот на труд. Таа го покажува степенот на нивна активност, вработеност и само-вработеност.
– Генерално младите од сите земји се соочуваат со разни предизвици во 2019 година. Северна Македонија има најголем број на невработени млади (30,5%) и најголема стапка на долгорочно невработени млади (23,1%), што ги става во уште поранлива позиција, покажува анализата.
Процентот на НЕЕТ млади е висок во сите земји и се движи од 19 процетни во Србија, до 27 проценти во Албанија. Споредено со просекот во ЕУ (12,6%), освен во Србија и Црна Гора, во останатите земји е двојно поголем.
– Ова е особено загрижувачко, бидејќи младите луѓе се без работа и имаат ограничени можности, шти ги става во опасност да имаат уште полоши шанси во иднина. Споредено со претходните четири години овој индикатор се подобрува и НЕЕТ процентот на млади полека се намалува речиси во сите земји, се вели во анализата.
Стапката на невработеност на младите на возраст од 15 до 29 години во Северна Македонија, иако бележи подобрување од 40,6 отсто во 2016 на 30,5 проценти во 2019 година, сепак останува највисока спроедено со останатите земји.
Само 2,8 проценти од младите учествувале во неформално образование или обука во последните четири недели
Многу мал процент од младите луѓе учествувале во неформално образование или обука во последните четири недели во Црна Гора (1,3%), Северна Македонија (2,8%) и Србија (2,4%), што е далеку под просекот од 10,8% во ЕУ. Еден од четворица млади во нашата земја е во ризик од сиромаштија, додека една четврина од сите затвореници се млади.
Социјалната димензија се однесува на активното учество на младите во социјалниот живот. Се оценува преку вклученоста на младите во заедницата преку формално и неформално образование, како и потенцијално исклучување поради сиромаштија, зависност од социјална помош и време поминато во казнени и попрвни установи.
Во анализата се посочува проблемот со прибирањето податоци во сите земји кои се дел од ова истражување, како и дека не сите индикатори се усогласени и лесно споредливи. Годинава, дополнителен предизвик за собирањето податоци имала и пандемијата на КОВИД-19.
Анализата препочува институциите да почнат систематски да собираат податоци за состојбата со младите во економската, социјална и политичка сфера, што е основа за носење квалитетни мерки за справување со ризикот од младинска неучество во општествените процеси.
Податоците за состојбата со младите во општеството треба да биде јавно достапна и опсежна, односно да опфаќања широк спектар на економски, политички и социјални параметри кои ќе бидат усогласени со ЕУ стандардите.
Вклученоста на младите во носењето одлуки е особено мала, за што е неопходно поголема транспарентност и градење подобра комуникација меѓу институциите и младите луѓе на национлани и на локално ниво. За таа цел е особено важно користење на онлајн алатки, веб страници и социјални медиуми.
Неопходно е градeње младински совети, парламенти и синдикати за нивно структурно организирање со што ќе се гарантира поголема партиципација во носењето одлуки на национално и локално ниво. Особено е важно и подобрување на учеството на младите во Парламентот, со што ќе се зајакне младинската застапеност и ќе се зајакне легитимитетот на Собранието при носење младински политики и мерки насочени кон младите, а како крајна цел и враќање на довербата на младите во институциите.
Земјите од Западен Балкан, се вели во анализата, треба да изградаат соодветни мерки за поддршка на соработката со невладините организации за помош на ранливите групи на млади луѓе.
/МИА/