Ако оваа година не ве разбудија коледари на врата со коледарски песни, барем прочитајте си ги оние кои се најмногу пеени низ годините.
Коледе, леде!
паднало греде,
утепало деде.
Дедо се мачи,
баба го квачи,
со четири јајца
гускини, паткини, шаткини!
Оооо, коледе!
Запис на Ефтим Спространов, Охридско
Идит Божиќ
Ид’т Божиќ.
носит ноже,
да колиме теле,
теле велит: – леле,
не коли ме мене,
коли го зајка!
Зајчина дечина,
подебели мечина.
Од записите на Марко K. Цепенков
Збирајте се дечиња, стред село на грејачка,
огон да си палиме, за да се изгреиме,
оти после ќе одиме, Коледа да викаме,
костење да збираме, за Бадник да јадиме,
Божик да го чекаме, и прасе да јадиме.
Од записите на Васил Икономов, Дебарско
Утре вечер – Бадник вечер, бодни коња на пазара,
купи риба јогула, дојди дома да ја вариш,
сркни риба – убоцај се, пи си вино – весели се!
Запис на Вера Кличкова, Скопско
Коледе, Коледе
Коледе, Коледе,
Се замучи Божја мајка,
од Игната до Божиќа.
па си роди млада Бога,
млада Бога, Божиќа.
Коледе…
Запис од источниот регион на Македонија
Којшто спие нека стане,
нека месе колачиња за дечиња,
ако нема колачиња,
нека има јаболчиња,
ако нема јаболчиња,
нека има бонбончиња,
ако нема бонбончиња,
нека има денарачиња,
ако нема денарчиња,
џамот лета на парчиња.
Запис од Битолско
Коледица меледица,
и по неа Василица,
еднаш ни е во година
како цвеќе во градина,
коледе бабо коледе
дај ми едно костенче,
едното за мене
другото за другарчето.