Претседателот Стево Пендаровски денеска во Нови Сад се сретна со неговиот словенечки колега Борут Пахор, во рамките на 4. Регионален младински форум. Како што соопшти претседателскиот Кабинет, на средбата беше оценето дека двете земји имаат одлични односи кои се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање, а беа разменети и мислења за можностите за понатамошно унапредување и збогатување на соработката во повеќе области од взаемен интерес.
– За Северна Македонија не постои друга алтернатива, освен европската интеграција, посочи претседателот Пендаровски.
Тој се заблагодари за отворената и конструктивна поддршка од Словенија за аспирациите на нашата земја за членство во ЕУ и во НАТО, што беше потврдена со ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, како и постојаната поддршка во рамките на Европската Унија, се наведува во соопштението.