пишува: ТАЊА КАРМЗОВА – КОСТИГЛИОЛА
Со денови се чудам на ентузијазмот околу лекот Ивермектин што на големо (ќе) се препишува како профилакса и како лек со “докажано дејство врз SARS COV 2”. Еве до каде се истражувањата (види линк на крајот на текстот).
Не спорам негово користење како експериментален третман, по строги протоколи, по примерот на некој вид на клинички студии. Спорам негово препишување на големо, како лек со докажана ефикасност (што не е случај). Здравствената ситуација, економската криза што истата ја предизвикува и политичката нестабилност како нивна последица во речиси сите држави – ги разбирам. Ја разбирам и итноста да се најде решение. Но, не по секоја цена. Ова не е панацеа. Ова може да функционира, ама сè поизвесно е дека не функционира.
На сите ни е преку глава од стрес, страв, неизвесност и финансиското деградирање. Од маски, од рестрикции, од плак по блиски и помалку блиски. Но, Ивермектинот не е панацеа. Не е. И жалам, оти и јас сакам стар, познат лек што не чини скапо да нè извади од ова лудило. Ама еве, нема. Не за џабе секаде каде што се користи, тоа се прави под силен лекарски надзор, со строга евиденција и долгорочно следење.
Не научивме од Рамдезивир, од Хидроксихлорокин, не научивме дека науката не е позитивен резултат ин витро, а несигурен резултат ин виво. Не научивме дека нема лек без несакано дејство, дека една иста болест не се лечи кај сите со ист лек (инаку, чуму десетици типови на хемотерапија, антиинфламаторни лекови и да не тупам понатаму), не научивме дека кога се лечи – не лечиме болест туку пациент, со сета негова анамнеза и симптоматологија и дека не може тој пациент да ни доаѓа со скриншот од Google и да ни наложи со што да го лечиме.
Сакам да нагласам дека, спротивно од мнозинството, јас не ја кудам Владата затоа што вакцините ќе стигнат прилично доцна во споредба со другите земји. Не треба да заборавиме дека не сме во привилегирана состојба, дека не располагаме со неограничени финансии, ниту пак имаме со што да вршиме притисок.
Секаде е хаос набавката на вакцини, секаде. Овде, во Франција, има логистички проблем, одобрени се две вакцини засега, онаа на Фајзер/Бионтек и онаа на Модерна. Наскоро се очекува да се одобри и таа на АстраЗенека. Но, колку и да се форсира ритамот на производство на истите, капацитетот е ограничен во споредба со побарувачката, а во вакви случаи, секоја земја најпрво се засолнува себеси. Верувам дека прават сè што е во нивна моќ за да го забрзаат темпото, како лабораториите, така и здравствените органи, вклучително и нашите. Но факторот „време“ е пресуден.
Не дозволувајте очајната ситуација да ја направиме уште поочајна затоа што сакаме да скокаме етапи. Дури и во нужноста треба да се има предвид дека изнаоѓањето решение е процес, а не кратка акција, и дека зависи од параметри кои ги дефинираат научно докажаните факти, а не стравот од нелегален увоз на лекови, на пример.
П.С. Ништо, терајте, ја сакав само да си кажам шо мислам да не ме гризе совест, од себични причини. Повелете и еден линк на француски, кој има желба да го разбере може да го преведе грубо со помош на интернет алатките.
Авторката е фармацевтка, живее и работи во Франција. На македонската јавност ѝ е позната како поетеса.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторката.