НАСА објави видео во кое ги споредува просечните температури од 1800-тите до денес, и открива дека 2020-та, заедно со 2016-та, е најтоплата година досега.
Климатските промени и глобалното затоплување веќе се сериозен проблем, но секоја година се чини дека не сме ни блиску до негово решавање. Ова го докажаа и последните податоци од НАСА, според кои 2020-та, заедно со 2016-та, е најтоплата година досега.
„Глобално, 2020-та беше најтоплата година, речиси исто како и 2016-та која го држеше рекордот досега. Севкупно, просечната температура на Земјата е зголемена за повеќе од 1,2 степени Целзиусови од 1880-тите. Температурите се зголемуваат поради човечките активности, особено емисијата на стакленички гасови, како јаглероден диоксид и метан“, пишува во описот на видеото.
Според НАСА, во 2020-та температурата била за 1,02 степени Целзиусови повисока од периодот 1951-1980. Досега, за најтопла година се сметаше 2016-та, но и во 2020-та било измерено исто зголемување на температурата.
„Последниве седум години беа најтопли досега и го продолжија трендот на драматично затоплување. Дали 2020-та го држи рекордот или не, не е важно – важно е дека затоплувањето стана долгорочен тренд. Со овој тренд, како и човечкото влијание врз температурата, можеме да очекуваме дека и овој рекорд ќе биде срушен“, изјавил Гавин Шмит, директор на Goddard Institute for Space Studies кој истражува на оваа тема.
Вo видеото на НАСА е направена споредба на просечната годишна температура со помош на топлотни мапи и е повеќе од очигледно дека глобалното затоплување предизвикува сериозна закана.