По катастрофалниот земјотрес во Драч, Албанија, македонската Влада изрази подготвеност да помогне, а ова го напиша на Фејсбук, македонскиот премиер Зоран Заев.
„Со загриженост ги следиме вестите за големиот земјотрес во Албанија, во Драч и во близината на Тирана. Силината на земјотресот, кој го почувствуваме и ние, ги насочи мислите кон нашите соседи.
Најискрено сочувствуваме со најблиските на жртвите, и се надеваме на брзо закрепнување од последиците.
Од утрово сме во комуникација со институциите на Албанија и сме подготвени да ја пружиме сета неопходна помош и поддршка“, напиша Заев на Фејсбук.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров изрази жалење за загубата на животите во земјотресот во Албанија и подготвеност за помош.
„Длабоко жалиме за загубата на животите во земјотресот во Албанија. Ние сме подготвени да помогнеме. Нашите мисли се со народот на Албанија“, напиша утрово министерот Димитров на Твитер.
Во силниот земјотрес што изутринава го погоди регионот на албанскиот град Драч, според извештаите на медиумите во Албанија, животот го загубиле најмалку шест лица, а над 300 се повредени. Причинета е и голема материјална штета.