Како омилен соопштувач на болни вистини, со сиот ризик од спружување од дежурните плукачи, Младиќот би сакал директно од Кристалната топка да ви ги пренесе впечатоците за прашањето што ве мачи и ќе ве мачи со денови и недели – кој е крив за бегството на Мијалков? Да одиме со ред.
Како прво, нешто што е повеќе од очигледно – Крив е целиот трул, криминализиран и корумпиран систем, што го градеа со свои раце избеганите Мијалков и Груевски, а кој не беше демонтиран после нивниот пад.
Зарем може некој да очекува правда и казна за криминалците да испорача судство, обвинителство, полиција што тие ги полнеа од партиски „тефтерчиња“? Мислите началниците не знаеја што (ќе) им се случува, со толку благодарни луѓе на места во кои се одлучува за нивната судбина?
Секако, најлесно е во оваа општа врескотница во која секој секого обвинува, да се заземе страна во општество поделено по многу линии. Едните со право ќе речат дека највиновни се тие што од петни жили се трудеа, и откога беше поразен, тој трул систем сепак да се одржи и, поради лична корист и спас од правдата, постојано го саботираа секој обид за негово демонтирање.
Од друга страна, не само за дежурните критичари на кои владата им е крива за сè, и за објективните е рационално а не само лесно, освен во заробувачите на државата и нивните инсталации, одговорност да бараат и кај извршната власт, кај оние што требаше, по случувањата со Груевски и екс-спец.обвинителка Јанева, да отворат четири очи и да не дозволат уште едно филмско бегство, и тоа овојпат на ко-архитектот на злото што не зароби цела деценија, а уште ни тежи како тег и нè влече надолу.
Но, и власта, со сите нејзини грешки, слабости, и кабаети, во оваа приказна не може да биде целосно кабает, за што има прилично логични аргументи и прашања:
Како да се демонтира злото, со политичка поддршка од гласачите која едвај ја надминува онаа на заробувачите на правдата?
Како да се демонтира злото, со јавност која повеќе мава по оние што треба да го демонтираат, отколку по криминалците?
Како една извршна власт да го демонтира злото во правосудството, а да не биде иста како оние што со таков „изговор“ ја погазија независноста на судската власт? Бараме правда на линч толпи, реваншизам, интевенционизам – или вистинска правда?
Младиќот не верува дека јавноста ќе поведе посуштинска дебата за овие прашања. Поделбите се предлабоки, лудаците прегласни и преагресивни, а умните луѓе уплашени и замолчани.
За среќа, изразено и во бројки и анкети, нормалноста е сепак во мала предност пред лудилото, но тоа не е доволно за промени, туку само за преживување. Додека е така, нема ни решение на системскиот проблем, во кој правдата е повеќе инцидент за моќните, а правило за немоќните.
Но, сепак, еве ги прашањата и дилемите запишани пред вас, да не биде дека не било речено