пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Црна кампања може да се води против различни профили на луѓе – политичари, јавни личности, новинари, активисти… Тие никогаш не се започнуваат без причина и зад нив секогаш стои организирана структура која ја започнува и финансира или ја презема „енергијата“ од некоја постојна дискусија или препирка во јавноста и ја насочува во своја корист. Таквите кампањи обично се кријат зад параваните на патриотизмот, идентитетот, грижата за здравјето на луѓето, екологијата, работничките и други права, поточно со секоја тема со која може да предизвикаат и да злоупотребат емоции кај луѓето…
Методите се познати и добро проверени, развиени се во пропагандистичките кујни на Исток, а невешто, но доволно ефикасно, се прилагодуваат на условите и потребите македонската политичка паланка. Омилена храна им се критичките тонови на експерти и креатори на јавното мислење чии анализи, коментари и ставови ги присвојуваат, препакуваат и претвораат во своја муниција против политичките опоненти или неистомислениците, кои ги претвораат во мета за уништување и истребување. Нивната политичка борба не претпоставува натпревар на аргументи, ставови, сознанија и визии, туку е напад со „стрелање, бесење, палење, сечење глави, силување, сотирање на семето“, бидејќи во сѐ гледаат предавство, измама, шпионирање, заговор…
Црната пропаганда успешно ги користи емоциите на страв и потребата за деструкција, но најмногу си играат со чувствата на разочараност, суета и разни фрустрации и комплекси. Во нивната продавница на лаги, стравови и омраза има за секого по нешто.
За здраворазумните луѓе со трошка политичка свест и човечка совест, деструктивната енергија на црната пропаганда делува одбивно, па и застрашувачки, но од вревата што ја прави, тие често не можат да ги слушнат ниту изворните пораки во јавната комуникација. Затоа, луѓето често и се откажуваат, практично, од секаков обид да се информираат, а уште помалку да учествуваат во процесите на донесување на одлуки или креирање на јавната свест околу важни теми во општеството. Тоа ги остава немоќни и пасивни, летаргични и мрзоволни во поглед на тоа што се случува во нивното општество.
Но колку и да се трудат, не можат да ја скријат својата вистинска цел.
Целта на нападите на креаторите на црната кампања со дезинформации и омраза се да се искриват и извитоперат фактите и да се омаловажат постигнувањата или вистинските предизвици и можности за едно општество.
Во случајот со нашата земја, креаторите на црната пропаганда имаат цел да ги одбранат режимските инсталации од правната одговорност за криминалот и структурното насилство што го спроведуваа 11 години и, евентуално, да го воспостават својот антидемократски, криминален и антизападен режим повторно. За да го постигнат тоа, тие неуморно го омаловажуваат и оцрнуваат успехот на Северна Македонија во неколку важни области: излегувањето на земјата од изолацијата и враќањето на светската мапа на успешни демократии, членството во НАТО, приближувањето кон ЕУ, враќањето на правдата, слободата на изразувањето, почитувањето на човековите права и слободи и концептот „Едно општество за сите“…
За да се урнат тие придобивки, на антидемократските центри на моќта им е потребно да се дискредитираат политичките лидери, граѓанското општество и интелектуалците кои уживаат углед и доверба како на национално, така и на меѓународно ниво.
Нападите е лесно да се предвидат. Нивниот тајминг и интензитет се совпаѓаат со периоди значајни за демократските процеси во земјата.
Оваа година се критични неколку настани и фази на критични процеси, како што се пописот, локалните избори, борбата против Ковид-19 и погубните последици по јавното здравје и економијата, процесот на вакцинацијата, бугарско-македонските односи (сами по себе и во контекст на евроинтеграциите), НАТО, реформите во образованието, судските реформи и борбата против криминалот и корупцијата, концептот „Едно општество за сите“… Ваква агенда би била тешка и комплицирана за големи и моќни држави, а да не говориме за сиромашна држава која била заробена и во изолација цели 11 години.
Дел од „газдите“ и „началниците“ се во бегство од правдата (истраги и правосилни пресуди за тешки кривични дела, насилство, изборни кражби и корупција), но голем дел од нив се на слобода и се наоѓаат на стратешки точки во системот и во медиумскиот простор. Антизападните и ултранационалистичките инсталации во земјата се извонредно витални, добро организирани и релативно успешни. Велам релативно, бидејќи дел од политичките фигури што се највидливи и најгласни експоненти на тие инсталации се крајно неспособни, па така и успехот на нивната кампања не е којзнае колкав, но не е ни сосема невидлив.
Последица од дејствувањето на овие центри е збунета јавност преку која се врши обид да се намали поддршката за демократските и интеграциските процеси на земјава. Повеќепати е напишано и кажано… Антидемократските центри на моќта немаат цел да ги убедат прогресивните сили во едно општество дека грешат во нивните убедувања и определби, туку да внесат што е можно погласна врева во јавната комуникација и да ги изморат оние што работат за доброто на општеството – за слобода, демократија, правда и еднаквост – било да се во политиката, медиумите, академијата, граѓанското општество или бизнисот. За нивната пропаганда е посебно важно да убедат што е можно повеќе луѓе дека сите се исти, и криминалците и оние што се борат против криминалот. Па кој е наивен, ќе ја лапне јадицата.
Го гледавме тоа за сето време на режимот, кога целиот систем беше насочен против неистомислениците, со отворена злоупотреба на јавните ресурси и институциите.
Сега, кога режимот е минато, инсталациите на режимот се принудени да го променат начинот на своето дејствување. Влегоа во подземјето и користат релативно нови методи за подривање на демократските процеси, иако на прв поглед тоа се вулгарни и простачки испади во јавноста и на социјалните мрежи.
Сепак, зад тоа стои добро разработен план. Инсталациите се притаија во институциите и во разни „сиви зони“ на општеството, а ги оставија на површината само своите пропагандисти и ги зајакнаа со „оливери“ пари. Добар им е планот, но не им оди некако. Речиси секој ден доживуваат големи порази. Бидејќи, македонските успеси се нивни порази. Тоа равенство е одамна јасно и очигледно.
Сепак, парите се големи, машинеријата продолжува со работа. И секојдневно го користат незадоволството на луѓето и недостатоците во функционирањето на системот, за да изманипулираат луѓе и да ги насочат едни против други. А потоа, во таа конфузија се додаваат отровите на омразата, поделбите и недовербата.
*
Никој не рече дека ќе биде лесно и едноставно. Дури и да не беше пандемијата.
Македонското општество може да се спореди со пациент кој 11 години боледувал од тешка болест. Колку и да се добри докторите, колку и да е успешно избрана терапијата, не може за четири години да се очекува целосно оздравување. Терапијата не може да биде со топли напивки и ладни облоги. Колку и да е стравот од болка голем, терапијата мора да се издржи, иако таа е долга, интензивна и болна. Лечењето од тешка болест бара од докторите да бидат мудри, креативни и храбри.
Имаме такви доктори. Само уште пациентот да разбере дека со чајче не се лечи рак.