Нашите заложби се да обезбедиме здравство за квалитетен живот за секоја жена, порачал министерот за здравство Венко Филипче кој вчера по повод Меѓународниот ден на жената бил во посета на Организацијата на жени на СДСМ во скопската населба Гази Баба.
Како што информира Министерството за здравство, Филипче говорел за женското здравје и за правата и можностите на здравствена заштита на жените. Посочил дека со измените на законот за абортус, волјата на жената е ставена на прво место, односно таа има право на репродуктивна слобода.
Министерот се осврнал и на воведувањето нови терапии за жените кои имаат рак на дојка. Истакнал дека жените после операција или без операција на карцином на дојка, ја имаат целата терапија што им е потребна. Изминатиот период обезбедени се и бесплатни ортопедски градници, а воведена е и напредна технологија за скрининг на рак на дојка во рана фаза со точна и прецизна дијагностика. Апелирал дека од голема важноста се превентивните прегледи посебно за младите девојки.
– Посетата на гинеколог, како и рутински преглед на гради еднаш во годината, е најдобрата здравствена превенција бидејќи само така се овозможува рано откривање на промените на репродуктивните органи кај жените, рана дијагностика но и висок процент на успешно лекување, истакнал Филипче./ МИА/.