Министерот за здравство, Венко Филипче и денешната пред конференција ги отфрли сите обвинувања за случајот со набавката на кинеските вакцини објавени во медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ и во италијанскиот „Ла Верита“. Тој ја обвини опзицијата дека сака да го компромитира и загрози процесот на имунизација во земјата, односно дека некој сака политички бенефит и на сметка на здравјето на граѓаните.
„Во целиот овој период се водиме до два принципи – внимателност и регуларност. Во таа смисла ги отфрлам сите обвинувања што ги има овие денови во дел од медиумите за нерегуларности и незаконски постапки и провизии. Жал ми е што излегоа во објави во медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ, во Ла Верита, некои документи испратени до повеќе компании.
Се обидовме да го следиме тој регуларен пат и откако тоа не успеа сакавме да ја забрзаме постапката. Не станува збор за никакви незаконитости или нерегуларности, некакви провизии, за што овие денови нѐ обвинува опозицијата“,, рече Филипче.
Филипче изјави дека во изминатиот период комуницирале со многи компании и производители, и дека како контакти се контактирани кинески компании кои работат кај нас за да се воспостави врска со „Синофарм“,
„Со Синофарм не беше возможно да се контактира директно“, рече Филипче и рече нема наводни провизии зошто за да има такво нешто требало да има финансиска штета кон државата, а такво нешто нема бидејќи авансот е вратен, а процедурата е променета по насоките што ги добиле од кинеското МНР.
„Од кинеското МНР нѝ беше укажано дека треба да се смени процедурата. Сега тече по нивни насоки и останува количината од 200.000 која државата ја нарачала од „Синофарм“.
Премиерот Зоран Заев вчера исто така негираше било какво незаконско дејствување во обидот на Владата да набави кинески вакцини, но нагласи дека се правеле нарачки и преку приватни фирми затоа што Владата се обидувала на секој начин да најде побрзо вакцини за граѓаните.
„Ние директно преку „Синофарм“ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Да, сме правеле нарачки, ни помогна „Пауер Чајна“ која е мајка на фирмата која ги гради патиштата во Македонија. „Пауер Чајна“ e еден од кандидатите за Чебрен, голема компанија, државна сопственост на Кина и од таму се обидувавме покрај амбасадата, се обидувавме преку контактите што ги имаме овде – рече Заев.
Во однос на новите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ и контроверзниот италијански весник „Ла Верита“ дека Филипче во едно од писмата ја ослободил кинеската компанија од одговорност, ресорниот министер одговори дека тоа важи за сите компании.
„Одговорноста паѓа на Министерството за здравство за реакции на производи. Тоа произлегува од Програмата за имунизација и се однесува на секоја вакцина која влегува во државата“, рече Филипче.
Инаку, италијанскиот весник „Ла верита“ важи за контроверзен весник близок до есктремно десничарските партии.
Весникот своевремено ги објави снимките и од разговор меѓу бизнисменот Јордан Камчев и Бојан Јовановски- Боки 13 за случајот „Рекет“.
„Ла Верита најчесто објавува содржини со кои директно се напаѓаат неистомислениците на Виктор Орбан, Јанез Јанша и Матео Салвини.
И. Т. З.