„Почитувани колеги од опозицијата, почитуван координатор бидејќи само вие останавте во сала. Уште еднаш повикувам на разум, повикување на седница за да им излеземе во пресрет на граѓаните, на фирмите, не е криминална седница и за тоа треба да им се извините на граѓаните. Повикување за седница за помош на граѓаните и фирмите да добијат пари во овие тешки економски времиња предизвикани од ковид кризата, не е закажување седница на насилнички начин.“, координаторот на пратеничката група од СДСМ, Јован Митрески, на денешната собраниска седница, упати апел до колегите од опозицијата.
„Ве молам размислете, нека надвладее разумот, влезете во сала, дај да завршиме ова што треба да го завршиме во интерес на граѓаните. И еве уште еднаш повторувам за да не испадне дека се прекинуваат пратеничките или се скратува времето за пратенички, нека се продолжат дупло повеќе отколку што се скратени и пратениците од мнозинството ќе се откажат од поставувања на прашања, само еве и тоа ваше барање нека биде задоволено. Ама бидете разумни, влезете дајте еднаш заедно да направиме за граѓаните нешто што е добро, затоа што одговорноста е на сите пратеници.“, рече Митрески.





