Општина Центар до Министерството за транспорт и врски уште во декември 2020 година доставила барање за суспензија на спорните Детални урбанистички планови.
Ова го тврди градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ во интервју за МИА, кој посочува дека од Министерството за транспорт и врски, како и од други институции треба да им се дообјаснат одредени методологии како да пристапат.
– Елаборат е општ поим, значи дали е тоа елаборат за нарушување на животната средина или за јавниот интерес. Што е јавен интерес, кога најголем дел од парцелите се приватни, треба тоа јасно да ни се дефинира. Значи ние треба да кажеме што е тоа што планираме, а што треба да се направи и дали навистина влегува во тој дел што денеска го дискутираме. Така да, ние испративме едно барање, очекуваме одредени допрецизирања за да видиме што треба да се дополни, вели Богдановиќ.
Без разлика каков ќе биде одговорот од тие институции, вели Богдановиќ, другите институции треба да ги засукаат ракавите.
– Ако овие институции како Антикорупциска, судство, обвинителство, покренат процеси и тоа што ние го докажуваме, го докажат во судска постапка, тогаш можат да направат голема услуга и сите тие планови судски со одлука на Суд да не се спроведуваат, нагласи Богдановиќ.
Според него многу се брза со одредени написи на Фејсбук и изјави на одредени луѓе кои, како што вели, до крај не ги читаат законите.
– Ако вие направите одредена грешка во чекори, многу скапо може да ја чини Општината, а повторно ништо да не постигнете. Затоа не одговарам сега, бидејќи кога ќе се расчистат сите дилеми ќе си го дадам својот одговор, заклучи Богдановиќ.
Додава дека без разлика што сега е тргнат мораториумот за градба со одлука на Уставниот суд, нема да дозовлат такви габарити да се градат, додека не се усогласат максимално со сите законски рамки.
Советот на Општина Центар во 2012 година носи одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план со кој се предвидува изградба на 60-катници на локацијата спроти „Холидеј Ин“. Со одлука на Советот на Општината во 2017 година овој ДУП се става под мораториум, а подоцна во 2019 година повторно се прогласува мораториум. Која е причината што досега не е усогласен планот со Генералниот урбанистички план, што го кочи процесот? Која е постапката на усогласување?
Ние како Општина Центар преземавме соодветни чекори како би имале можност и простор за да ги ревидираме Деталните урбанистички планови, т.е. да ги усогласиме со Генералниот урбанистички план, бидејќи тоа беше една од нашите главни заложби. И Општина Центар стави 31 Детален урбанистички план под можност за ревидирање и се радувам што успеавме осум плана, колку толку, да ги подобриме, бидејќи стануваше збор за доста места каде беа изградени површини и ние речиси сите планови ги донесовме до при крај до начинот на ревидирање. Моментот што ни се случи беше што Уставен суд прв пат, а потоа уште еднаш ни ја укина нашата одлука за мораториум, односно за неспроведување на плановите и со тоа почнаа да важат и старите планови. Кажав дека нашата борба ќе продолжи. Мораториумот беше најјака алатка, но сега ќе продолжиме на некој начин со други алатки кои ни се ставени на располагање. Мораториумот беше инструмент каде целата игра беше кај нас, односно ние ги држевме плановите за неспроведување и на крајот ние ги менувавме начинот и правилата кои на жал претходно не биле испочитувани.
Од Министерство за транспорт и врски велат дека до нив како Општина Центар не сте доставиле елаборат за суспензија на планот во кој треба да образложите зошто издадениот урбанистички план не може да се реализира. Зошто досега не сте доставиле елаборат со кој времено може да го суспендирате планот, дали планирате и кога би го направиле тоа?
Моментот што го нуди новиот Закон, односно самиот нов Закон на некој начин придонесе мораториумот да биде укинат. Зошто? Затоа што во претходниот Закон не беше јасно дефинирана рамката кога може и колку да трае. На некој начин, вие сега имате можност да ставите план под суспензија, но во рок од траење од шест месеци за дел од план или година дена, но морате јасно и прецизно да ги нагласите и да бидете подготвени, бидејќи секоја штета која може да настане треба да ја претрпи Општината. Ние испративме до Министерството за транспорт и врски уште во декември. Моментот е што таму и од дел од институциите треба да ни се дообјаснат одредени методологии како да пристапиме. Бидејќи елаборат е општ поим, значи дали е тоа елаборат за нарушување на животната средина или за јавниот интерес. Што е јавен интерес, кога најголем дел од парцелите има и приватен, треба тоа јасно да ни се дефинира. Значи ние треба да кажеме што е тоа што планираме, а што треба да се направи и дали навистина влегува во тој дел што денеска го дискутираме. Така да, ние испративме едно барање, очекуваме одредени допрецизирања за да видиме што треба да се дополни. Но, пак ќе кажам, без разлика каков ќе биде одговорот од тие институции, ние вчера побаравме одговори и од други институции кои искрено треба да засукаат ракави, бидејќи Општина Центар е најниско, ние сме последни во хоризонталата во која пробуваме нешто да направиме. Тука има и други институции. Вчера се обративме и до Антикорупциската комисија бидејќи и тие можат да преземат одредени мерки.
На кој начин може да преземат мерки?
Видете, и да покренете одреден план за суспензија, шест месеци ќе поминат, и ако не го смените, може да платите и казна и повторно да се реализира. Ако овие институции како Антикорупциска, судство, обвинителство, покренат процеси и тоа што ние го докажуваме, го докажат во судска постапка, тогаш можат да направат голема услуга и сите тие планови судски со одлука на Суд да не се спроведуваат. Едноставно не знам зошто не покренуваат, треба тоа нив да ги прашате. Јас апелирам ако навистина сакаат и се грижат за јавниот интерес тогаш да придонесат и да помогнат.
Кои се спорни моменти во планот?
Параметрите кои ги има во ГУП-от и ДУП-от не беа усогласени. Генерално ставот на сите е дека таму треба да се изгради нешто, но моментот е дали некој размислува на овој начин или не. Ние сме тука да овозможиме фер и законски да бидат условите, тоа е нашата задача како Општина, а другото се е ситуација на вкус.
Уставниот суд минатиот месец го укина мораториумот за градење. Дали тоа значи дека проектот кој е предвиден да се гради спроти Холидеј ин ќе биде согласно ДУП-от од 2012 година, кој е неусогласен со ГУП-от?
Наша задача е не само тој, туку сите проекти да ги усогласиме колку може да бидат подобри, да задоволат одредени параметри кои се пропишани со законски решенија и правилници.
Имате ли вие некаков увид во проектот, дали знаете што ќе се гради на таа парцела?
Веќе излегоа одредени информации за какви објекти ќе се градат. Малку се злоупотребува јавноста, а тоа е дека ќе се градат објекти од 60 ката. Тоа јас го кажав и од самиот старт кога станав градоначалник. Без разлика што сме имале мораториум за да ги менуваме плановите и сега кога немаме, нема да дозволиме такви габарити да се градат, додека не се усогласат и колку што може во сите законски рамки да придонесеме да се усогласат одредени параметри.
Според Законот за урбанистичко планирање, проектот треба да содржи минимум 20 отсто зеленило. Колку зеленило се предвидува, дали проектот опфаќа некаков парк или?
Во целиот тој план во средината има огромен плоштад, зеленило кое на некој начин ќе треба дел што спаѓа под приватно, да го направат самите инвеститори, а дел ќе треба ние да го направиме. Така да, ние ќе го одобриме проектот каде ќе бараме над 20 отсто зеленило, ќе дадеме и некои свои солуции, зборувам за секој проект кој ќе ни дојде кај нас на одобрување. Ќе гледаме максимално да ја испочитува законската рамка. Паркирање во парцелата и 20 отсто зеленило нешто што е успех благодарност на Собранието што успеа да го измени Законот за градење и со тоа да ни помогне на некој начин да ги намалиме габаритите, бидејќи со тие можности ќе нема да никнуваат големи згради и објекти.
Дали доколку се исцрпат сите механизми да го спречите овој ДУП, ќе ја дадете дозволата за градба на овој план?
Јас прво сакам како Општина да направиме се што може, не само јас и сите институции кои ги споменувам цело време, да направат се што можат, за да прво, расчистиме со сите оние недоследности, недоречености, за на крајот сите да бидат чисти, бидејќи во јавност се појавуваат разни шпекулации, слики, кои 99 отсто не се точни. Затоа е добро во еден транспарентен процес, кој го правиме, секој ден одговарам и на медиуми, објаснувам што преземала Општината, и преку еден таков процес да ги расчистиме тие работи. Многу е лесно нешто да одложите, да прекинете и да направите, но морате да запазите да не направите некоја грешка за да немате штети. На крајот ова го кажувам се со цел за луѓето да сфатат дека Општина Центар со сите свои делувања до сега ниту еден денар не предизвикала некој да ја тужи или да направи штета, туку промислено направила потези за на крајот да добие, а не да изгуби. Во изминатиот период Општина Центар била губитник, само плаќала, сега ние сме тие што враќаме средства во Општината. Затоа, многу брзаат со одредени написи на Фејсбук и изјави на одредени луѓе кои до крај не ги читаат законите. Ако вие направите одредена грешка во чекори, многу скапо може да ја чини Општината, а повторно ништо да не постигнете. Затоа не одговарам сега, бидејќи кога ќе се расчистат сите дилеми ќе си го дадам својот одговор.