Зоолошката градина Скопје важи за една од најпосетените институции во државата. Во нејзината градина може да забележиме посетители од сите генерации, и сите се со насмевка под маските и сјај во очите. За ова најзаслужен е целиот тим на Зоолошката градина, а промената почна да се случува кога како лидер на истата беше назначен Ѓорѓи Галетановски, со кој што имавме можност да поразговарам на актуелни теми поврзани со ЗОО, но и со неговиот приватен живот. Тој на јавноста и е познат како менаџер на ноќниот живот, но одлично се снајде и во менаџирање на Зоолошката градина.
Фронтлајн: По вашето доаѓање на директорското место, ЗОО Скопје, доби целосно нов лик, на што се должи тоа?
Па видете тоа се должи пред сè на општото залагање на сите вработени, кога дојдовме решивме да настапиме како тим, да се створи една фузија во која сите вработени ќе се чувствуваат првично исто. Да нема поделби меѓу вработените, да биде тоа едно големо семејство каде што сите вработени ќе имаат исти обврски. Се скконцентриравме на заедничко работење и функционирање. Обновување на сите живеалишта, подигнување на хигиената нагло – тоа ни беше првично важно, како и реновирање на постоечките живеалишта. Една целосна нова Пи-ар промоција на зоолошката од кога дојдоа резултатите и така дојде до разубавување на целата Зоолошка градина.
Фронтлајн: ЗОО Скопје е најпосетена институција веќе неколку години, како успевате да ги придобиете срцата и на малите и на големите?
Во секоја светска метропола, ако одите туристички да речеме, ве носат да го видите плоштадот, некои споменици и знаменитости на градот, потоа доааѓаат институциите како Зоолошки градини. Ние сме имале можност да видиме дека сегде во светот зоолошките се најпосетени објекти, кај што младите прво се едуцираат, поминуваат еден ден и тука ни беше целта да се претстави како една традиција на Скопје и да биде едно главно собиралиште на сите граѓани од цела држава. Да може секој да дојде, да се прошета, да уживаат во текот на денот. И ни успеа, бидејќи ја доближивме до сите, преку социјалните мрежи, преку исцрпната тимска работа, тоа ни беше главната цел.
Фронтлајн: Колку пандемијата влијае врз работата на ЗОО?
Пандемијата влијаеше и тоа како, бидејќи лани почна пандемијата, ние бевме едни од институциите кои доброволно први затворија. Од максимална посетеност од 15.000 посетители неделно, затворивме. Бидејќи институцијата ја одржува прво Град Скопје потоа е со самофинансирање – тие три затворени месеци – беа навистина тешки. Среќа имаме соработка со Градот – не поддржа и спонзорите беа тука да ни помогнат. После тие три месеци, отворивме во Јуни, со целосно почитување на протоколите, цело време запазуваме – носење на маски и одржување растојание, на вработените првично, потоа и на посетителите, но сепак ова е отворена институција, отворен објект и може да функционира.
Фронтлајн: Дали соработувате со европските зоолошки центри, и дали имате некаков план за поврзување и размена на идеи?
Да, ние соработуваме со сите Зоолошки градини, претежно со сите. Соработуваме бидејќи ние сме претендент за член на Европска асоцијација на Зоолошки, имаме добра соработка со сите и пред да станеме членови. Силно верувам дека годинава ќе станеме член на ЕАЗА, и таа соработка ќе се зголеми со сите Европски Зоолошки. Редовно одиме на посети, исто и други Европски претставници доаѓаа кај нас, но сега со пандемијата се намалија малку тие посети. Сепак соработката продолжува, соработуваме со Загреб, Софија, Београд , добро ни оди.
Фронтлајн: Пред да станете директор, бевте еден од менаџерите на скопскиот ноќен живот, како се случи оваа трансформација?
Па да, пред да станам директор бев многу активен во ноќниот живот. Бев менаџер од мои 17 години. Работев во дискотеки, организирав настани, голем дел на концерти на музички звезди. Но, знаете мора еднаш да прекинете со сето тоа, доаѓа време кога треба да се насочите кон животот малку посериозно, да се насочите на друга работа – бидејќи сепак тоа е ноќна работа, ми беше напорно на почеток, да ја направам целата трансформација, беше напорно, но со тек на време се навикнав.
Фронтлајн: Кои се плановите кои ги имате во иднина за ЗОО Скопје, освен за активностите кои сега се најавени, ДИНО ПАРК …?
Видете цело време работиме на реновирање и на градење на нови живеалишта, до сега направивме се што ни беше во план. Изградбата на куќата на фламингата, изградбата на живеалиштето на пингвините кое сеуште не е отворено, бидејќи не се стигнати пингвините од Русија. Дино паркот – е при крај, и е најголема атракција што ќе му се случи на Скопје годинава, верувам дека ќе биде отворен после 10 мај, се доработува и ќе биде навистина атрактивно. А во иднина, проекти кои што сакам да ги реализираме со градот и со градоначалникот се градски аквариум, и реновирање комплетно на живеалиштето на мечките. Тоа ми е цел за годинава.
Фронтлајн: Како се справувате со лични напади и критики кои секојдневно се упатени кон вас?
Социјалните медиуми станаа главен критичен фактор во државава, и тоа не е лошо. Тоа е она за што се бореа сите, и зашто сеуште се борат, да има слобода на говор и слично. Се справувам со своите резултати и со работата што ја вршам, не обрнувам многу внимание на критиките, некои се добронамерни некои не се. Но најважно е да биде сè сработено како што треба, критиките и пофалбите ќе дојдат сами по себе.
Фронтлајн: Дали сметате дека со тоа што ја вративте зоолошката градина во полн сјај сте трн во око на многумина?
Видете, секогаш има зли јазици на кои не им одговара нечиј успех. На тоа сме навикнати не само јас туку и многу други луѓе. Трн во око не треба да им бидам, затоа што ние сепак тука работиме тимски за доброто на сите деца. Без разлика на пол, возраст и слично, ова треба да биде убаво за сите деца, не би требало да бидам трн во око воопшто.
Фронтлајн: Секогаш кога ќе се спомне вашето име се крева прашина. Кој всушност е Ѓорѓи пред да е директор на зоолошката?
Прашина се крева можеби бидејќи поголемиот дел од животот сум бил дел од ноќниот живот и во тие кругови. Ѓорѓи, Ѓорѓи е обичен млад човек што сака да се дружи со своите другари, сака да шета во странство, да посетува други зоолошки, да ужива во животот, и сè што треба да прави еден млад човек.
Владанка Димковска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Б. Ј.