Владата ја разгледа и усвои Информацијата за склучување на Колективен договор за високо образование и наука и ја овласти Мила Царовска, министерка за образование и наука да го потпише Колективниот договор за високо образование и наука.
Со колективниот договор за прв пат по 30 години се уредува системот на плати, се утврдува основната бруто плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование. Дополнително предвидено е зголемување на плататa на наставниот и ненаставниот кадар во септември 2021 година и во септември 2022 година.
Едно од позабележителните постигнувања со овој Колективен договор е и уредувањето на исплатата за минат труд, кој во изминатиот десетгодишен период или не се исплаќал или се исплаќаа со големи потешкотии од страна на високообразовните установи.
На оваа своја седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието со кој се врши усогласување на надлежностите на Бирото со другите закони кои ја тангираат неговата работа, како што се законите кои го регулираат основното и средното образование, учебниците, статусот на наставниците и стручните соработници и сл.
Со овој Предлог-закон ќе се воспостави и развива портал за учење од далечина и дигитални содржини за користење во наставата, што е од исклучително значење во последно време со пандемијата со КОВИД-19, при што се земаат во предвид и глобалните тенденции во насока на развој на учење од далечина.
На денешната седница Владата даде согласност на Одлуката за избор на најповолна понуда во постапка за доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на две фотонапонски електроцентрали што ја спроведе Акционерско друштво за производство на електрична енергија, „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ).
Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, кој, меѓу другото, има за цел во опфатот на законот да влезе и да се уреди начинот на проверка и потврдување на исполнетоста на условите за учество на економските оператори регистрирани во Република Северна Македонија во постапките за набавки за потребите на НАТО и нејзините земји членки. Со овие законски измени се отвора можноста економските оператори од Република Северна Македонија да учествуваат во постапките за набавки на НАТО под исти услови како и економските оператори од другите земји членки на организацијата.
На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои Информацијата со планирани активности за дигитализација во судството за 2021 година.
Планот содржи активности кои ќе се одвиваат во повеќе фази, започнувајќи од измени на постоечката легислативна рамка како основа за преземање процесни дејствија (е-маил и Е-достава) со учесниците во постапките, ИКТ алатки за судења на далечина или изведување само на некои докази на тој начин, преку обезбедување на судовите со соодветна ИКТ опрема, интернет конекција и други потребни уреди за изработка на електронски документи, користење дигитални сертификати (потписи) и дефинирање на дигитален идентитет за странките, адвокатите и другите учесници во постапката, како и унапредување на АКМИС-от, обезбедување доволно ИТ кадри и нивна континуирана обука за користење на системот и опремата.
Покрај опремувањето на повеќе од 100 судници низ 34 судовите во Северна Македонија (27 основни судови, четири Апелациони судови, Управен и Виш Управен како и Врховниот суд), со планот за дигитализација во судството се предвидува да се опреми и судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители како и во Затворот Идризово. Опремувањето на судниците за онлајн судење е предвидено да се реализира до крајот на 2021 година.











































































































