пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА / ЦИВИЛ МЕДИА
Според мое мислење не смее да има ниту едно дете кое ќе расте без книги. Кое нема да биде опкружено со книги, кое нема да заспива со книга во раце, кое нема од најмала возраст да биде носено во библиотека и библиотеката нема да му стане омилено место.
Во Македонија сум влегла во голем број куќи во кои нема апсолутно ниту една книга. Сум сретнала многу деца кои не стапнале во библиотека. Знам многу возрасни на кои библиотеката им е најдосадното место на светот.
И, сето ова нема никаква врска со учебниците.
Учебниците се помагала со кои им стојат на располагање на учениците полесно да стекнат одредени знаења и вештини.
Тие треба да им понудат методи за пребарување, за поставување прашања, за поврзување на нештата. Треба да бидат флексибилни и да ги следат најновите сознанија. Треба да бидат алтернативни, за да може ученикот да научи да гради сопствен став и мислење. Да бидат интерактивни, за да го внесат ученикот во светот на причинско-последичниот начин на размислување, сумирање и изведување заклучоци.
Со учебникот не се гради односот на ученикот со книгата. Тој однос се гради преку белетристиката, научно-популарната литература, со научните списанија, со достапноста на многу и различни книги во секој момент од животот и, најмногу со гледање на луѓето од сопствената околина со книга во раце. Така се засакува книгата еднаш и за секогаш, за цел живот.
Учебникот треба да го олесни разбирањето на одредени содржини, да ги направи достапни и да создаде навика за барање информации.
Учебникот треба учењето да го претвори во игра, на потрага и откривање. Со еден клик може да се отворат други извори, да се поврзат нештата, да се навлезе подлабоко и полесно во одредена содржина.
Учебникот е добар кога може да се индивидуализира на потребите на конкретниот ученик и да биде на различни начини соодветен на неговите можности (психички, физички, ментални). Учебникот треба да се прилагодува, да се развива, да се менува.
Според мене, дигиталниот учебник е токму таква алатка. Алатка која ги користи современите технологии да го оспособи детето да функционира во 21 век и да му даде најдобра можна шанса за понатамошно лесно користење на сите можности кои му стојат на располагање.
И, да. Точно е дека многу деца во Македонија немаат во моментов практични услови за учење од дигитални учебници. Исто како што немаат соодветни услови за учење, и потребен прибор за учење, и поттикнувачко опкружување и атмосфера.
Не се работи за тоа учењето да се сведе на најнискиот можен стандард за сите да бидат еднакви во лошото. Работата е да направиме напори сите деца да ги добијат потребните услови на највисокото можно ниво на образование, за да станеме еднакви во доброто.
Според мене тоа е правиот предизвик, а не обидот романтиката на зората на науката да се поистовети со слетувањето на Марс.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.