Германскиот Бундестаг со огромно мнозинство, или 476 гласа „за“, 122 „против“ и 16 воздржани пратеници ја потврди одлуката на Германија, дека Македонија ги исполнува условите да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија, објави МИА.
Ова значи, дека на самитот на европските лидери во октомври, Германија ќе одобри на Македонија да и се даде датум за почеток на преговори, но конечната одлука ја носат сите земји членки на унијата, а ставот на Франција и Холандија сè уште е неизвесен.
Во дебатата која траеше нешто повеќе од половина час, пратениците на владејачките ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите изразија поддршка за реформските напори на Скопје и во повеќе наврати го наведоа Преспанскиот договор како големо достигнување за целиот регион.
На седницата во Бундестагот присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Десетината говорници се согласија дека Северна Македонија и Албанија направиле напредок и дека на регионот Западен Балкан треба да му се овозможи приближување кон ЕУ.
Според пратеникот од владејачката ЦДУ /ЦСУ Петер Бејер , младите луѓе од Северна Македонија и Албанија треба да живеат во средина каде ќе бидат применувани европските стандарди и ќе имаат позитивна перцепција за ЕУ .
Пратеникот Кристијан Петри од коалициската СПД рече дека овие земји бараат помош, дека се подготвени за реформи и дека треба да им се овозможи да го почнат процесот, што беше поздравено со бурен аплауз.
Еврокомесарот Јоханес Хан прв го поздрави гласањето на германскиот Бундестаг и рече дека „признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ“.
Германските пратеннци сметаат дека стабилизацијата на Западен Балкан е од исклучително значење за Европската Унија, заради што е битно прашањето за проширувањето. Сепак, и вечерва нагласија дека Албанија треба уште посилно да работи на реформите во судството и справувањето со криминалот.
Вечершната одлука на германскиот Парламент е голем но не и одлучувачки чекор за интеграцијата на Македонија во Европската Унија, а главна пречка на тој пат остануваат Франција, Холандија и Данска кои и натаму се главни критичари на процесот на проширување.
За Македонија и официјално да ги почне пристапните преговори ќе биде потребна позитивна одлука на самитот на шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија кој ќе се се одржи на 17 и 18 октомври во Брисел.
За Албанија, за која исто така е одобрен почеток на преговори, „за” гласаа 395 пратеници во Бундестагот,, 188 беа против и 16 воздржани.
И. Т.