Националниот координатор за стратегиски комуникации Марјан Забрчанец во интервју за „Слободен печат“, говори за соодносот меѓу информациите и дезинформациите со кои се соочува јавноста. Тој смета дека во таа вечна битка, само со транспарентност во работата на Владата, граѓаните ќе ја препознаат вистината.
За него и критиките се одраз на слобода на говорот „а не шепот изговорен во страв, како што тоа беше до пред четири години“.
Ви го пренесуваме интервјуто од „Слободен печат“ во целост:
Господине Забрчанец, во последно време може да се забележи дека се случува некаков медиумски дисбаланс меѓу презентирање во јавноста на позитивните ефекти од работата на оваа Влада, и се она што како афери или негативен учинок се сервира на јавноста, при што како да преовладува втората констатција. Зошто е тоа така?
-Позитивните ефекти обезбедени од оваа Влада се најприсутни во сферата на демократијата и слободата, економијата, а сега веќе слободно можеме да кажеме и правдата. И “Фридом хаус” и “Репортери без граници” нотираат постојан демократски раст и раст во медиумските слободи додека во целиот регион ситуацијата е обратна. Успеавме да ги задржиме работните места и платите во услови на пандемиска економска криза и препознаени сме како лидери по искористеност на обновливи извори на енергија. На тема правда, оние кои со години ја држеа државата заробена во страв и криминал, денес чекаат судски пресуди или веќе отслужуваат затворски казни.
Но, ви ја разбирам поентата. Не е невообичаено одредени негативни случувања да се пакуваат и презентираат на скандалозен начин. Впрочем и кај медиумите и кај граѓаните скандалите секогаш предизвикуваат многу поголемо внимание од убавите односно позитивните вести. А, тоа што во јавност често гледаме и слушаме критики и побарувања за подобар перформанс на Владата само говори дека во Северна Македонија веќе неколку години гласот на граѓаните и новинарите е гласен крик, а не шепот изговорен во страв, како што тоа беше до пред четири години.
Повеќе пати од ваша страна беа најавувани мерки и стратегии за справување со лажните вести, но од сето тоа, она што најчесто може да се забележи како ваш одговор, се постојаните деманти од страна на претставниците на власта, кои не секогаш допираат до пошироката јавност која веќе се уверила во претходно презентираната „вистина“? Како го објаснувате тоа?
-Брзиот, одлучен и точен одговор на институциите е една од алатките за справување со дезинформациите. Колку порано и појасно сузбиете одредена лажна вест, толку помали се можностите истата натаму да се шири и да стигнува до повеќе публика. И се разбира, секоја лажна вест не заслужува третман, инаку сите ние би се претвориле во машини за деманти. Умешноста е да се процени кои се пара-вестите кои имаат потенцијал да се шират и во исто време да предизвикаат штета и да следи брз одговор токму за тие вести, а не за секоја лага за која манипулативните центри помислиле дека ќе им помине.
Во дневното справување со фаличните вести, од особена корист на Владата е воспоставениот систем за кризни комуникации, создаден со поддршка од Британската влада. Но, брзата реакција за сузбивање дезинформации не е единствената мерка на Владата – планот против дезинформации што го спомнувате беше објавен во 2019 година и тој е до сега единствениот план на оваа Влада, документ кој е постојано отворен за придонес од сите заинтересирани и засегнати страни.
Владата одлучно се спротиставува на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите.
Активната транспарентност стана белег за демократски напредок на оваа Влада, а самоиницијативното објавување податоци и документи од страна на владите е најголемиот проблем за дезинформаторите. Колку повеќе информациите кои ги поседуваат институциите се достапни во јавноста, толку е потешко во дадена област некој успешно да пласира дезинформации. Во ова дигитално време, се’ може лесно и брзо да се провери преку интернет – затоа е нашата заложба што повеќе информации да направиме да бидат достапни за граѓаните и медиумите. И затоа, денес велиме дека информацијата е јавно добро, а дезинформацијата е опасност. И затоа бараме сите институции и локалните самоуправи да објават десетици типови наративни и финансиски документи на своите веб страни.
За нашата посветеност на полето на отворање на институциите и на обезбедување транспарентност и отчетност потврда се истражувањата на регионалните организации кои говорат дека Владата на Северна Македонија од последното место по отвореност во регионот во 2016 година во последните неколку години убедливо е на првото место.
Владата поддржува и саморегулација во медиумскиот еснаф. Тоа е најдобриот начин кој ги штити медиумите од надворешни влијанија, при регулирање на професионалните стандарди, а во исто време ја јакне новинарската фела.
Добар пример на саморегулација во Северна Македонија е регистарот на веб портали кои ги исполнуваат стандардите на професионално новинарство, изработен од ЗНМ и СЕММ.
Владата го препозна и призна овој регистар и истиот денес го користиме како ресурс за да препознаеме и да ги одвоимеме професионалните од непрофесионалните медиуми.
Внесувањето на медиумската писменост како содржина за изучување во образованието е дел од образовната реформа. Медиумската писменост е влог во сегашните и идните генерации во јакнење на природниот отпор за секој поединец самостојно да може да препознава, разоткрива и разобличува различни обиди за манипулација. И тоа е дел од планот против дезинформации.
Остануваме отворени за сите идеи за унапредување на борбата со лажните вести, глобален феномен што е предизвик на сите демократски влади.
Се добива впечаток дека сте под оркестриран напад од опозицијата, но и од медиумите околу одредени прашања поврзани со работата на одделни владини претставници.
Има ли вина и кај вас, или станува збор за еден вид „непринципелна“ коалиција при што дел од медиумите подпаднале под опозициско влијание? Сепак зачудиваат обидите докрај да се „покриваат“ одредени високи партиски или владини личности иако подоцна во јавноста се покажало дека било залудно?
-Оваа Влада вложи сериозни напори и успеа да обезбеди услови за создавање правна држава во која нема недопирливи. Тоа значи дека нема несоодветно “покривање”. Дали е некој виновен или не се одлучува низ правосудните постапки од страна на судовите кои денес ги имаат сите потребни услови, но имаат и обврска, да судат исклучиво низ транспарентни, фер и професионални постапки. Што се однесува до вашиот впечаток за “оркестриран напад” од опозицијата и одредени медиуми, би било несоодветно да се жалам на критика. Северна Македонија е слободна држава и секој има право и може да говори слободно, се додека со својот говор не загрозува туѓи права. Следејќи ги меѓународните извештаи за раст на слободата на медиумите, верувам дека се создадени услови за професионален однос на медиумите, наместо за потпаѓање по влијанија на опозицијата или власта.
Најголемо незадовослство во јавноста поткрепено и од страна на медиумите е од начинот и брзината со справувањето со здравствената криза и обвинувањата кон министерот Филипче. Се чини дека тој од херој на почетокот на кризата, сега станува главен виновник и терет во рејтингот на власта?
-Кризата за која говорите беше предизвикана од недостатокот на вакцини што е резултат на глобалниот недостаток. Тој проблем се решава, во текот на април и мај веќе пристигнуваат сериозни количини вакцини во земјава и масовната имунизација на граѓаните е веќе во тек. Сведоштвата на граѓаните за начинот на организација и на спроведување на вакцинацијата се позитивни и очекувам брз раст на бројот на вакцинирани граѓани. Македонскиот здравствен систем никогаш пред пандемијата немал повисока доверба кај граѓаните. Здравството демонстрираше капацитет да се справува со сериозен глобален предизвик, од една страна да се обезбедат капацитети за итните случаи, од друга страна да се информира населението за мерките за заштита и од трета страна да се обезбедува неопходниот имунитет. Во овие прилики, херои се сите здравствени работници кои беа и се уште се на браникот на јавното здравје. И навистина е штета што еден “Космонаутко”, најпопуларниот наш здравствен работник, за ЕУ е кандидат за македонски Европеец на годината, а за Мицкоски е тема за потсмев и неверување. Осудени се на пораз тие што се потсмеваат со националната и со индивидуалната борба со коронавирусот.
Велите дека постојано има комуникација со јавноста, но се чини тоа не е доволно кога бројот на заболени и починати е сеуште голем. Зборот не може да ја замени суровата реалност.
-Реалноста е дека бројките се во сериозен пад, а тоа се должи на навременоста и соодветноста на мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести и на степенот на одговорност на институциите и на граѓаните. Смртноста од пандемијата е сурова, но таа кај нас не отстапува од она што е просек во регионот.
Несомнена е зголемената транспарентност на оваа Влада во однос на сите минати, но сепак останува впечатокот дека и најдобриот ПР не може да ги покрие слабостите во работата на било која Влада, па и на оваа. Кога премногу доминира ПР -от и кога зад него се „крие“ власта, се создава впечаток „кучињата си лаат, карванонт си врви“!
-Во ваков демократски амбиент и критички дискурс во земјава не постојат услови за апсолутна доминација на било кој ПР. На јавна сцена секојдневно се натпреваруваат информациите на институциите, на власта, опозицијата, на граѓанскиот сектор и на бизнисите. Станува збор за компетитивност и за напори од различните страни за информациите во оптег да дојдат до граѓаните. Згора на се, земете ги предвид и лажните вести кои извираат од подрумските центри за манипулација.
Оттука, не се согласувам дека власта употребува преголем или несоодветно силен ПР. Напротив, дури и мислам дека многу од успесите на Владата и на државата се под ризик да останат во заборав заради динамичното време во кое живееме, заради предизвиците како пандемијата кои ги променија интересите и приоритетите на граѓаните и секако поради тоа што власта нема намера со декрет и со контрола да се себерекламира како што тоа го правеше Груевски и за што трошеше милиони евра народни пари. Но, немојте од Владата и од ПР-от кои ги отворија институциите и воведоа највисок до сега степен на транспарентност, да барате да не комуницираат за позитивните промени во нашата држава. Нема корист ако ги забораваме позитивните промени, тие треба да ни се инспирација за нови натамошни реформи.
Имате ли чуство дека не допирате до медиумите на соодветен начин со што изостануваат и позитивни ефекти од кампањите на Владата, како што тоа беше во времето на Груевски?
-Груевски може да биде само негативен пример кога станува збор за јавните комуникации и за јавниот интерес. Сигурен сум дека не може да е добро да “допираме” до медиумите на начините на кои тоа го правеше претходната власт.
За време на десетгодишното владеење на Груевски, неколку медиуми беа затворени под директен диктат и притисок на власта – најгледаната телевизија А1, телевизијата А2, весниците Време, Шпиц и Коха е Ре, а сопственикот на овие медиуми и неколку луѓе од неговото семејство и раководители во фирмите завршија во затвор со неколкугодишни затворски казни. Беа затворани и новинари од други медиуми. Во извештаите на Стејт департментот за состојбата со човековите права се потенцираше дека во Северна Македонија има политички затвореници.
Денес е обратно, а дека има целосен пресврт во оваа насока, покажуваат и глобалните индекси на угледни организации како „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“, на чиј индекс на пример земјата има напредок од 28 позиции – од 118то во 2016 година на 90то место во 2021.
За време на владеењето на Груевски, беше речиси невозможно за новинарите од критичките медиуми да ги добијат на телефон портпаролите на владата и министерствата, или пак да добијат информации од јавен карактер после уредно испратено барање. Тие беа целосно игнорирани. Тоа сега не е случај. Сите портпароли и лица за односи со јавност се во редовна и постојана комуникација со новинарите, а институциите редовно одговараат и во определениот законски рок (кој е, патем, скусен од 30 на 20 дена) даваат информации од јавен карактер на барање на медиумите, граѓанските организации, па и индивидуалци доколку тоа го побараат.
За време на владеењето на Груевски владееше праксата “не се дозволени прашања надвор од темата на прес конференцијата”. Тогаш немаше прес конференции на портпаролите на Владата. И таа пракса е променета, портпаролите на Владата сега одржуваат секоја недела редовни прес конференции за да информираат за одлуките од седниците на Владата, тековните активности но и да одговараат на прашања на новинарите за различни теми.
За време на владдеењето на Груевски, при теренските посети на тогашниот премиер и министри беа канети само новинари од „подобни“ медиуми, додека критичките медиуми не добиваа покани за овие настани или ги добиваа неколку минути пред настаните (честопати на локации далеку од главниот град) што го правеше невозможно пристигнувањето и известувањето на новинарските екипи. И оваа пракса е целосно стопирана и заменета со навремено известување за настаните до сите редакции, без оглед на нивната уредувачка политика.
Тогаш, медиумите што ја критикуваа власта беа јавно етикетирани и омаловажувани од највисоки владини претставници, почнувајќи од самиот тогашен премиер и најистакнатите министри, па се до обичните партиски членови. Кон тие медиуми и нивните новинари се водеа жестоки јавни хајки, се прогласуваа за „платеници“ и „предавници“. Таа пракса е целосно искоренета.
Порано, новинарите се плашеа да им постават прашања на министрите. Цела јавност се сеќава на жестоките квалификации што кон новинари ги упатуваа Груевски, или тогашниот прв финансиер Ставрески. Со новата власт, тоа веќе не е случај.
Во пакет со ААВМУ, оди и МРТВ, таму со години нема никакви реформи, ниту кадровски промени. СДСМ покажува неспособност ништо од остатоците на ВМРО-ДПМНЕ да расчисти или да промени, постојано правдајќи се со блокадите од страна на опозицијата. До кога така?
-Претходната власт изврши упад во регулаторното тело (тогаш Совет за радиодифузија, сега Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги), најпрвин преку зголемување на советот на институцијата и внесување во него на послушни но често и нестручни кадри, а институцијата наместо претседател на тој совет доби директор со поголеми овластувања.
Одлуките на Советот по овие интервенции покажаа зошто било тоа потребно: со арбитрарни одлуки се затворија телвизиите А1 и А2, а повеќе медиуми беа мета на чудни одлуки на советот, само поради нивната критика кон власта.
Слична состојба владееше во Советот на јавниот сервис МРТ, кој речиси и воопшто не ја вршеше својата функција оставајќи се во рацете на извршните директори избрани под диктат на извршната власт.
Обратно од тие намери, оваа Влада направи неколку крупни измени, почнувајќи од укинување на радиодифузната такса и обезбедување редовно и стабилно финансирање на јавниот сервис директно од буџетот без учество или одобрување на извршната власт.
Владата предложи и законски измени и почеток на процесот на избор на членови на двата совети, на кои им беше истечен мандатот. Сепак, овие измени и предлози беа закочени речиси три години во надлежната Собраниска комисија со која претседава опозицијата. Овие измени се неопходни за да се отвори процесот на реформирање и на регулаторното тело и на Советот на јавниот сервис, кои имаат важна улога во определување на медиумските политики и адресирање на јавниот интерес.
Согласно последните најави, се надевам дека опозицијата конечно ќе се откаже од нивната желба во двата совети да имаат партиски претставници и дека во Собранието ќе се премине кон избор на професионалци кои ќе управуваат со АВМУ и НРТВ. Доколку опозицијата не се надмине по овие прашања, уверен сум и знам дека владејачкото мнозинство во Парламентот ќе најде начин и конечно ќе ја обезбеди промената во АВМУ и НРТВ справувајќи се со опструкциите на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа власт во повеќе наврати покажа дека умее да се справува и да ја штити јавноста од блокадите и штетните политики на опозицијата.