Просторната оддалеченост на обложувалниците и казината од училиштата и верските објекти е предмет на законското решение за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри, кое е во постапка на донесување и кое ја бранува јавноста. Со предлог текстот на новите законски измени, дел од овие објекти ќе мора да се дислоцираат, односно истите ќе треба да се впуштат во потрага на соодветен деловен простор, со цел да го задоволат законскиот минимум 500 метри оддалеченост од основни и средни училишта, факултети и верски храмови.
Идејата за регулирањето на ова прашање е фактот што во досегашното законско решение вакво нешто не постои, а од друга страна евидентно е дека просториите за обложување и коцкање ги има сè повеќе и повеќе низ нашите градови. Главниот град Скопје, полека, како да го добива епитетот „македонски Лас Вегас“, особено што дури и низ централното градско подрачје, на ексклузивни локации, видливи се големи објекти кои нудат услуги за обложување или услуги за игри на среќа во казино. Ако ваквиот епитет до сега можеше да се слушне за Гевгелија, како пограничен град, сега истото веќе не е новост ниту за Скопје и многу од другите градови.
Од една страна, еснафското тело на спортските обложувалници се противи на ваквите законски измени, истакнувајќи ја бројноста на оваа фела, нивната улога на големи работодавачи и големи даночни обврзници. Истакнувајќи дека и до сега овие услуги не беа дозволени за лица под 18 години, тие дополнуваат дека предвиденото растојание од 500 метри помеѓу нивните локали и училиштата нема да донесе суштинска промена. Од друга страна, легитимна е и идејата на државата која сакајќи да се справи со ситуацијата каде младата популација има особено лесен пристап до овие игри на среќа, што несомнено резултира објектите кои ги нудат тие игри да станат, честопати и примарен простор за социјализација на младите. Ваквата нус појава е вредна за размислување и се чини дека нема дел од општата јавност кој не би се согласила дека за младите има и многу посоодветни места за продуктивно поминато време и социјализација.
Имајќи ја предвид економската состојба во македонското општество, желбата за инстант збогатување и адреналинот помешан со страст за брзи пари, сето ова доведува до тоа обложувалниците и автомат клубовите да „никнуваат како печурки“ околу нас. Истовремено, можноста која сега постои, приредувачите на овие игри на среќа, со плаќање на надомест за само една лиценца, да отворат голем број деловни простории, негативно влијае и врз државниот буџет. Ова, исто така, е предмет на измените и дополнувањата поставени на ЕНЕР и не треба да биде изгубено при дискусијата за предностите и слабостите на новата регулатива.
Легитимни се и стравувањата за загрозеност на дел од работните места ако измените и дополнувањата бидат донесени во предложената форма. Но, во истиот момент не треба да заборавиме дека ваквите најави за други бизниси, повеќе знаеле да служат како алатка за подобрување на преговарачката позиција на засегнатите, отколку како нешто што реално се случило потоа.
Досегашното искуство вели дека ниту еден стопанственик не се решава толку брзо да го намали деловниот потфат, дури ни по донесување на, за него, навидум неповолни законски решенија. На крајот, да, општествениот договор со кој ја овластуваме државата значи и токму тоа – баланс помеѓу слободата на претприемништвото и заштитата на останатите интереси на граѓанството.
Иван Дургутов