Процесот Брдо-Брион годинава го одбележува својот 10-годишен јубилеј. Самитот кој лани беше откажан поради пандемијата со ковид-19, годинава јубилејно се одржа, а земјите учеснички од Брдо кај Крањ упатија недвосмислени пораки за нужноста од европската интеграција на Балканот.
Оваа регионална иницијатива на која земаат учество шефовите на државите на Словенија, Хрватска, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ, послужи и како прилика македонскиот претседател, Стево Пендаровски да одржи билатерални средби со некои од неговите присутни колеги. На средбите со хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, словенечкиот претседател Борут Пахор, но и со косовската претседателка, Вјоса Османи, претседателот Пендаровски, уште еднаш, ја подвлече неопходноста од продолжување на интеграцијата на Балканот во европското семејство и значењето кое мирот за овој регион го има.
Испраќајќи порака дека економскиот и демографскиот товар, споредбено со претходните два циклуса на проширување на Европската Унија, ќе биде драстично помал, Пендаровски ја акцентираше важноста која политиката за проширување ја има за македонските граѓани. Од друга страна, процесот на преговори кој е несомнено закочен, во најбрз можен рок треба да се одблокира, со спротивставување на внесувањето ревизија на историски настани како некаков предуслов за европска интеграција,
Регионалната стабилност, економски просперитет и добросостојба се можни само со целосна интеграција на околните земји во Унијата. Европеизирањето на нашите општества, не значи само формално зачленување во заедницата на држави, туку и суштествено подобрување на животниот стандард дома. Време е, европските челници преку откочувањето на преговарачкиот процес, да испратат порака дека повеќе го поддржуваат сценариото Европа да пристигне во нашите земји, отколку сценариото согласно со кое, особено младите сограѓани мигрираат и пристигнуваат во Европа.
Иван Дургутов