Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски застана во редот со граѓаните, кои денеска имаа термин за имунизација во вакционалниот пункт во салата „Јордан Мијалков“-Штип. Тој ја прими кинеската вакцина „Синофрам“ и порача дека ова е должност за неговото здравје, но и за блиските.
-Би сакал да ја упатам пораката до сите граѓани на Република Северна Македонија дека ова е многу значаен процес, процесот на имунизација и е единствениот начин да ја победиме пандемијата, предизвикана од Ковид-19. Имајќи во предвид дека повеќе од една година имаме страшни последици, здравствени и секако од сите други општествени аспекти, вели Бочварски.
Тој ги повика граѓаните да се пријават на апликацијата на Министерството за здравство и какошто вели да го остварат своето право и должност во интерес на колективното здравје.
-Во оваа прилика би сакал да истакнам дека имунизацијата тече во најдобар ред и навистина Министерството за здравство и Владата, со поддршка на општините навистина да имаме добар процес, којшто трае и ќе трае во наредниот период, вели Бочварски.
Посочи дека со поголем број на имунизирани граѓани против коронавирусот се очекува намалување на притисокот од пандемијата и враќање на животот во нормала.
извор: МИА
 
			
 




 
 
