Славната изрека вели дека „сите патишта водат кон Рим“, а приспособена на македонскиот актуелен контекст, изреката значи дека македонските евроинтеграции моментално се со одредница Софија – Скопје – Рим – Брисел. Најавената кратка средба на скопскиот аеродром помеѓу македонскиот и бугарскиот претседател, Пендаровски и Радев, треба да биде вовед и истата претходи на заедничкото чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј во италијанската престолнина.
Стево Пендаровски од денеска ќе биде во официјална посета на Италија и Ватикан. Тој ќе отпатува за Рим со бугарскиот државен авион, откако непосредно пред тоа на аеродромот во Скопје ќе слета неговиот колега, Румен Радев. Симболиката која ја носи тет-а-тет средбата во просториите на Меѓународниот аеродром Скопје, во очи на јунскиот самит на европските челници, е уште поголема ако се имаат предвид позитивните сигнали кои доаѓаат од двете страни изминатите неколку денови.
Заедничкото чествување на делото на просветителите Кирил и Методиј и церемонијата која е најавена за утре, четврток, несомнено имаат потенцијал да доведат до нормализирање на односите и откочување на поставената блокада за македонските евроинтеграции. Привременото решение кое се очекува да ја подигне рампата на нашиот пат кон Брисел и конечно да доведе до одржување на првата меѓувладина конференција, иако официјално не е најавено, сепак се очекува да биде предмет на разговор и на кратката средба, но и попатно кон италијанската метропола.
Подадената рака од Радев има потенцијал да најави можност за враќање кон вистинската суштина на договорот склучен помеѓу двете земји – добрососедство, пријателство и соработка. Овој симболичен гест, очекувано би требало да даде ветер во грб и на заедничката историска комисија, но и да испрати јасна порака кон португалското претседателство и останатите земји членки, дека решение сепак е можно и дека европската дипломатска офанзива не била залудна.
Претстојните денови, не само надежите на македонските граѓани, туку и на целокупниот Западен Балкан, ќе бидат вперени кон Рим и дуото Пендаровски-Радев. Знаејќи ги моменталните политички околности на Балканот, но и фактот што Северна Македонија и Албанија, тековно, се наоѓаат во пакет и се очекува двете земји истовремено да ги одржат своите меѓувладини конференции со ЕУ, очекувањата се навистина големи и овие неколку денови треба да донесат позитивен исход.
Делото на сесловенските учители било и е огромно. Кирил и Методиј ја задолжија македонската држава многу, но еден дел од најголемото наследство кое ни е оставено е нивната духовна големина и човечност. Токму поради тоа, чествувајќи ги нив, македонските и бугарските државници, не смее да заборават дека тесните, националистички интереси мора да ги остават зад себе и да дозволат Балканот, после сѐ, да го добие местото кое го заслужува во поширокото европско семејство.
Иван Дургутов