Вчерашниот дожд и тажната слика на покиснатиот Милошоски сам против дождот на блокадите е симболична слика, но сепак не е ништо во споредба со политичкиот потоп што го доживуваат на меѓународна сцена блокирачите на нашата европска иднина.
Во неколку денови, се случи извршната наредба на американскиот претседател Бајден, исклучително позитивниот самит во Тирана на лидерите од З.Балкан, вечерашната средба на премиерот Заев со францускиот претседател Макрон во Париз…Од секаде ечат пораки за заедништво и европска иднина на регионот. За Македонија е јасно, порача и францускиот претседател: заслужуваме европска иднина.
Замислете што се мота сега во главите на Мицковци, Апасиевци, Бачевци…? Како и секогаш, тие се без понуда за подобра алтернатива. А недостатокот на идеи и сега го надоместуваат со истиот пристап како и низ годиниве – блокади, насилство, гнев и омраза, масовни лаги, навреди, хајки…
Но, без понуда за подобра алтернатива за денешницата и иднината, овие губитници можат само да се лажат себеси со вештачките перцепции, жестоката пропаганда на портали или со ботовите на социјалните мрежи.
Во реалноста, тие се политички изолирани и на меѓународна и на домашна сцена, а се повеќе ќе ги изолираат и игнорираат и граѓаните, на кои очигледно им е преку глава од блокади, насилници и тргни-застани политика, и сакаат нормален, европски живот. Многумина затоа и заминаа таму, а не во Русија, Кина или Северна Кореја.
Овојпат блокирачите и бојкотерите се фатени во длабок офсајд. Надвор се и од играта, надвор се и од актуелниот регионален и глобален контекст, како што се одамна надвор и од времето, како да живеат во доцниот 19 век.
А македонското општество е во 21 век, тоа докажа капацитет да биде консолидирана демократија, која едвај чека да зачекори кон својата европска иднина. Таа иднина, очигледно, е блиску и доаѓа.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.