Стопанската комора на Северна Македонија и Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола денеска организира конференција на тема „Високото образование и бизнисот-заеднички предизвици и приоритети“.
Целта на конференцијата, на која ќе учествуваат претставници на бизнис заедницата, академскиот кадар и студентите, е преку дебата во две панел дискусии на теми: Вклученоста на бизнис заедницата во креирање политики во високото образование и Инвестиции на бизнисот во високото образование-пракса, вештини, знаења, да се приближат ставовите на бизнис заедницата како активен социјален партнер и високото образование.
Во официјалниот дел сe планирани обраќања на заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Сашо Коруновски и потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Јелисавета Георгиева – Јовевска.
На Конференција ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка на УКЛО со Млекара АД Битола и со КОСТАЛ Македонија ДООЕЛ Охрид.