Претседателот на МАНУ Таки Фити вели дека ќе разговараат со колегите од Бугарската академија на науките (БАН) околу нивниот став дека Повелбата за македонскиот јазик содржи неточни и неприфатливи позиции и во која е наведено дека официјалниот јазик во Република Македонија е пишано-регионален стандард на бугарскиот јазик.
„Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа. Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред.
Нема да ги расипеме односите со БАН, ќе разговараме, ние сме се договориле дека нема прашања за кои не може да разговараме, дури и за најсензитивните“, изјави вчера академик Фити.
Првиот човек на МАНУ вели дека ќе се консултира со луѓето кои се задолжени за лингвистика, по што најверојатно ќе излезат со заеднички став.