ВМРО-Народна партија се спротивставува на идејата за промени во Законот за Надворешни работи со кој законски ќе се бара 80% од амбасадорите да бидат вработени во Министерството за Надворешни работи или т.н. дипломати од кариера.
ВМРО-Народна партија смета дека на тој начин се оневозможува достап до овие значајни места за видни и докажани личности од многу области: писатели, уметници, новинари, доктори, бивши министри па дури и академици. Додаваат дека не постои ниту една анализа од која можеме да видиме дека т.н. експерти имаат поуспешни резултати од амбасадорите кои се дојдени од други сфери.
Новиот предлог-закон за надворешни работи предвидува најмалку 80 отсто од амбасадорите во иднина да бидат дипломати од кариера, наспроти сегашното решение кое овозможува најмногу една третина од вкупниот број шефови на ДКП да може да се именуваат од редот на јавните личности.
Владата на затворена седница, ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори во следните дестинации – Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.
И претседателот Стево Пендаровски, вчера појасни дека над 90 отсто од предложените амбасадори се кариерни дипломати, односно се професионално вработени во Министерството за надворешни работи.
Б. Б.