Директни закани по животот, повици за насилство и етнички засновани навреди биле упатени кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов преку коментари на неговата официјална Фејсбук-страница, поради што се бара итно постапување од институциите за спречување на насилство, информираат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Од ЗНМ посочуваат дека веќе упатиле ургенција до Министерството за внатрешни работи (МВР) со барање случајот детално да биде проверен. Според нивното соопштение, особено загрижува фактот што дел од коментарите содржат експлицитни повици за физичко елиминирање и смрт на новинарот. Од Здружението цитираат дел од заканите во кои се прашува дали некој „како ќосето со камата“ ќе расчисти со него или ќе го реши на експресен начин, додавајќи дека биле упатени и етнички навреди.
Очекувањата на Здружението се полицијата итно да ги обезбеди и зачува електронските докази, како и да ги утврди идентитетите на лицата што стојат зад профилите. Од таму бараат МВР да процени дали постојат елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување на насилство и говор на омраза, по што случајот без одлагање би бил доставен до надлежното јавно обвинителство.
Заканите кон новинарите поради нивната работа претставуваат сериозен удар врз слободата на изразување и не смеат да се игнорираат, категорични се од ЗНМ. Од организацијата нагласуваат дека е од исклучителна важност институциите навреме да реагираат во вакви ситуации за да спречат заканите да прераснат во физичко насилство.






