Британскиот премиер Борис Џонсон повика на единство во текот на турнејата низ подрачјата во земјата во кои Лабуристичката партија загуби на вонредните парламентарни избори во четвртокот.
Владејачката Конзервативна партија освои 365 од 650-те места во Долниот дом на британскиот Парламент, односно 48 места повеќе, благодарение на поразот на лабуристите во одредени подрачја од Велика Британија каде тие со децении владееја.
Меѓу тие области е и Дарем, на северот од Англија, некогашното „упориште“ на поранешниот лабуристички премиер Тони Блер.
Џонсон го посети ова подрачје и на локалните жители им кажа дека е свесен дека многумина сакале да ја прекинат оваа традиција и затоа им се заблагодари на довербата.
Британскиот премиер повторно вети дека Велика Британија на 31 јануари ќе излезе од составот на Европската унија.